Тренчевска вели дека во Владата се разгледуваат две опции за решавање на ова прашање. Едната опција, според неа, е да се донесе нов закон за плати во јавниот сектор, а втората опција е да се направи измена на шест, седум закони, со кои се регулираат платите на функционерите
До крајот на годината ќе се пронајде решение за намалување на платите на функционерите, кои од март со одлука на Уставниот суд беа зголемени за 78 отсто, најавува министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Тренчевска вели дека во Владата се разгледуваат две опции за решавање на ова прашање. Едната опција, според неа, е да се донесе нов закон за плати во јавниот сектор, а втората опција е да се направи измена на шест, седум закони, со кои се регулираат платите на функционерите.
„Во Владата разговаравме. Одлуката за покачување на платите на функционерите не ја донесе Владата, туку Уставниот суд. Разговараме и бараме начин како да се реши прашањето во однос на покачувањето на платите на функционерите. Една опција е законот на плати во јавниот сектор, друга е измена и дополнување на повеќе закони, шест или седум закони, каде се регулираат платите на сите оние функционери, кои се вклучени со одлуката на Уставниот суд“,
рече Тренчевска додавајќи дека на крајот решението треба да помине во Собранието, кое го има последниот збор.
Таа забележа дека и пратениците во периодот кој поминал од донесувањето на одлуката на Уставниот суд, можеле да донесат законски решенија, по иницијатива на пратениците и на пратеничките групи и оти не морало сѐ да се остави да сработи Владата.
„Ако Собранието имаше поинакво решение, можеше во изминатиот период да го донесе тоа решение. Како и да е, бараме решение до крајот на годината, ќе се избере една од опциите, дали со нов закон за плати во јавниот серктор, за кој не верувам дека ќе можеме да стигнеме, особено во делот на коефициентите, кои мора да се направат заедно со социјалните партнери, со претставниците на синдикатите и на тој начин да се регулираат највисоките коефициенти во секоја од областите, здравство, образование, социјална заштита, детска заштита, администрација, јавни претпријатија. Но не сум убедена дека оваа опција ќе успеееме да ја направиме до месец декември“,
рече Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање на настанот по повод одбележување на официјалниот почеток на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.
На средината на минатиот месец, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека ќе има корекција на Законот за платите на функционерите и нагласи дека дел од средствата ќе се пренаменат за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.
Премиерот Димитар Ковачевски, исто така, минатиот месец рече дека работната група која ќе работи на корекција на Законот за платите на функционерите треба да ги има на располагање сите аспекти бидејќи се работи за два закони со кои се регулираат платите на избраните и именувани лица и на пратениците. Според него, прво треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на 21 август, поднесе предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите за 78 отсто. Со поднесувањето на овој предлог од ССМ велат дека бараат итни измени на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата.
Одлуката за зголемување на платата на избраните лица и функционерите беше донесена откако од Уставниот суд се барало оценка на уставноста на членовите 4 и 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.
Уставните судии велат дека нивните одлуки се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието, да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оценка дали законите се во согласност со Уставот, рекоа од судот по донесената одлука.
Одлуката на Уставниот суд беше објавена во „Службен весник“ на 23 март и таа е конечна.
На одлуката на Уставниот суд прв реагираше претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет и ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.