Само две недели по изборот на 31 мај 2017 година, новата влада побара разрешување на тогашниот шеф на обвинителството Марко Зврлевски. За процесот што почна брзо, на крај, беа потребни повеќе од шест месеци за да се избере нов јавен обвинител на Република Македонија.
– Функцијата ќе ја извршувам совесно, непристрасно и одговорно и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот и интересите на другите правни субјекти – рече тогаш Јовески.
Заклетвата на Јовески дојде во период на високи очекувања на јавноста за обвинителство кое активно го гони криминалот и кај поранешните, но пред се кај актуелните функционери. Институцијата, под новото водство, навидум така и се постави.
– Полицијата влезе во просториите на Фондот за иновации и ја одзема документацијата за доделените грантови. Ваков налог МВР добило од ОЈО за организиран криминал, објавуваа дел од телевизиите.
Јавното обвинителство, со Јовески на чело, отвори повеќе предмети за случаи што го привлекоа вниманието на јавноста, но дали некој од нив ја помина почетната, фаза на предистрага и се приближи до обвинение?
„Допрен глас“. Дефиницијата за овој термин во законот за кривична постапка укажува на можноста за отворање предмети откако некој јавно ќе понуди основи за сомнение за сторен криминал.
Во периодот пред Јовески, можат да се најдат повеќе примери кога поединци, организации или други актери бараа од обвинителството отворање предмети по допрен глас. Сега такви повици има помалку, најверојатно и поради фактот што обвинителството само покажува поголема проактивност.
Архивите за последните година и половина чуваат повеќе примери кога јавното обвинителство го слушна гласот на јавноста.
– Контроверзниот проект на Министерството за здравство за набавка на реагенси под лупа на Обвинителството – објавуваа телевизиите.
– По допрен глас, Обвинителството отвори предмет за токсичната печка во депонијата Дрисла, објави Алсат М.
Меѓу тие предмети е и предистрагата за сомнежите за нерегуларности на последните локални избори. Но, и за сомнежите за незаконски трошења во Антикорупциската комисија, што не им се допадна на членовите на телото.
– Jавното обвнителство покренува постапка за испитување на наводите во конкретниот извештај и за тоа веднаш ги известува сите медиумски куќи без тие да побараат, се пожали тогаш екс претседателот на антикорупциската комисија Игор Тантуровски.
За дел од овие предмети веќе помина многу време од моментот кога обвинителството најави дека се истражуваат. Предметите за изборни нерегуларности и за Дрисла се отворени пред една година. Надоместоците на антикорпуциоерите почнаа да се истражуваат пред девет месеци, а предметите за грантовите за Фондот за иновации и за пропаднатиот тендер за биореагенси набрзо полнат половина година.
„360 Степени“ побара одговор од Јавното обвинителство – до каде се овие постапки и дали некој од нив ја поминал првата фаза на предистрага. Во институцијата решија одговорите да ги даде државниот обвинител.
Љубомир Јовески вели дека за изборните нерегуларности е отворена истрага, а сега чекаат декласификација на одредени податоци. Предметот за Дрисла се уште е во предистрага, но во напредна фаза која извесно време се соочува со пречка – долго чекање на податоци од Министерството за животна средина.
– Откако овие податоци ќе бидат обезбедени, мислам дека обвинителството ќе може да донесе јавнообвинителска одлука, вели Јовески за случајот Дрисла.
Јовески убедува дека има напредок и во случајот со грантовите од Фондот за иновации, каде во првичниот список на добитници беа компании во кои сопственици се вицепремиерот Кочо Анѓушев, пратеникот на СДСМ Хари Локвенец, сопругата на министерот за култура Асаф Адеми, снаата на советничка на премиерот Цветанка Ласкова.
– Во тој предмет навистина обвинителството презема повеќе дејствија. Сослушани се повеќе лица како сведоци, во делот на аплицирањето на компаниите, побарани се елаборатите и документацијата со кои тие аплицирале и сослушани се и други лица кои можеле да бидат од корист во делот на доказната постапка, објаснува Јовески.
Предистрагата е во тек, е одговорот и за надоместоците во Антикорупциска, за што членовите тогаш поднесоа оставки. Јовески не кажа многу повеќе од тоа и за поништениот тендер за набавка на реагенси, кој заедно со набавката на лекови и изградбата на објект во здравствениот дом во Штип се водат како еден предмет.
Или сумирано, од пет јавно експонирани предмети отворени по допрен глас, само еден ја поминал почетната, фазата на предистрага.
– Не го делам тој впечаток дека предметите кои ОЈО за организиран криминал и корупција ги отворио допрен глас дека тапкаат во место. Кога обвинителството добива кривични пријави од надлежните, пред се од МВР, во таа пријава претходно МВР постапувала и обезбедило некакви докази. Во овој случај кога обвинителството отвора предмети по допрен глас, фактички претходно никој не постапувал и обвинителството може или само да ги преземе определените дејствија или од одредени надлежни институции да побара одредени дејствија да ги преземат. Во одредени треба повеќе време за обвинителството кое отвора постапка врз основа на допрен глас – смета Јовески.
И покрај фактот што и една година по смената на раководството, редовното обвинителство нема истрага или обвинение во предмет отворен по допрен глас, за функционер од власта, Јовески вели дека не бегаат од таквите предмети.
– Моја заложба беше да се отвораат предмети по допрен глас бидејќи Обвинителството е надлежно да ги гони сторителите на кривични дела по службена должност – вели Јовески.
Еден клучен елемент што би му помогнал на обвинителството се со години најавуваните истражни центри. За нив требаат пари и кадар. Јовески вели дека работата ќе се заврши годинава. Истражни центри ќе има во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, скопското јавно обвинителство, во Куманово и во Тетово.
– Верувам дека овој процес на изборот на кандидатите најдоцна за 1 месец би завршил и потоа ние со ресурсите кои ги имаме во обвинителството и со ангажирање на други вработени, дека истражните центри ќе бидат функционални – објаснува Јовески.
Дека обвинителството не бега од проверки на актуелните функционери, пред Нова година, за 360 Степени, тврдеше и шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
– Имате ли напредок во некоја од истрагите за случаите што дел по допрен глас, дел поинаку ги отворивте а беа поврзани со постапување на актуелни функционери. Еве се присетувам на големиот тендер во здравство. Тоа ваш случај е?
– Да, ние отворивме предмет по допрен глас само тука е проблемот што се поништи тендерот.
– Нема штета.
– Да. Нема штета тендерот беше поништен. А не значи дека нема да има.
– Отворен е случајот се уште тоа велите? Мислите нема да има предмети и други случаи?
– Да, дека ќе нема предмети и случаи. Мислам дека ќе има.
– Навестувате дека нешто работите.
– Да.
И таа и Јовески, во интерес на постапката, не споделуваат јавно повеќе детали. Набрзо или малку подоцна, сепак, ќе мора да го сторат тоа. Бидејќи оправдани беа критиките кога обвинителството не отвораше предмети по допрен глас и за актуелни функционери. Уште пооправдани ќе бидат ако се знае дека предмет или предмети има, а тие стојат во фиока.
Напишете коментар