Какви ќе бидат условите за слободно туристичко движење низ земјите-членки во Европската унија, но и од кога ќе може тоа да се практикува ќе се знае во следните недели, вели вицепремиерот задолжен за европските прашања, Никола Димитров.
Тој во интервју на Телма зборуваше за таканаречениот зелен пасош кој би требало да овозможи непречено движење во рамките на Европската унија.
Димитров вели дека со оглед на тоа што доаѓаат летните месеци веројатно ова прашање ќе станува се поважно и ќе има конкретна одлука од страна на ЕУ. Деталите засега не се познати, но најверојатно државите од Западен Балкан, бидејќи граничат со ЕУ, ќе треба да бидат компатибилни во овој процес.
„Ние како Секретаријат за европски прашања до Министерството за здравство доставивме спецификации и мислам дека е многу важно да имаме компатибилен процес и со критериумите и како треба да изгледа тој зелен пасош“,
вели Димитров.
Тој додаде дека големата дилема е дали сите вакцини ќе овозможат непречено патување или тоа ќе важи само за вакцините кои се одобрени од Европската агенција за лекови.
„Тоа прашање не е одлучено и сè уште се дебатира, бидејќи има земји-членки на ЕУ кои најмногу користат кинески вакцини во вакцинацијата против ковид. Ова би требало во јуни месец да се одлучи, да се знае за точната употреба на тој сертификат или таканаречен зелен пасош“,
вели Димитров.