Според него, никој нема да биде изземен од овој систем, освен возилата на полицијата, Итната медицинска помош и тие на противпожарните единици кога преземаат дејствија
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се надева дека до јуни или јули идната година ќе биде имплементиран системот „Безбеден град“ на територијата на целата држава. Ова тој го соопшти на настан за промоција на фотоволтаична централа поставена на Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи (МВР), потсетувајќи дека тест-периодот за регистрирање прекршоци од овој систем важи до 1 февруари идната година.

„Се надевам дека до јуни или јули идната година ќе го имплементираме ‘Безбеден град’ на целата територија на државата. Сигурен сум дека до крајот на 2026 година ќе го имплементираме за секој град како паметен систем. И граѓаните во Берово, Делчево, Струга и Охрид заслужуваат едно вакво решение што би требало да ја следи европската стратегија за ‘нула жртви‘, со која до 2050 година треба да немаме човечки жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила“,
кажа тој.
Во овој краток временски период, во рамки на тест-периодот, како што рече, првичните информации се дека сега македонските граѓани поинаку се однесуваат кога управуваат моторно возило отколку порано.
„И многу ми е мило што бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и генерално бројот на сообраќајни несреќи, таму каде овој проект е имплементиран, се намалува. Тоа е многу важно. Прва и најголема цел, но и последна цел на имплементацијата на овој систем, е спасување барем еден човечки живот повеќе од претходно. Очекувањата дека резултатите што треба да ги даде ‘Безбеден град‘ се многу големи“,
вели министерот.
Според него, никој нема да биде изземен од овој систем, освен возилата на полицијата, Итната медицинска помош и тие на противпожарните единици кога преземаат дејствија.
Како доказ за тоа го сподели својот личен пример кога добил опомена за сторен сообраќаен прекршок и тоа јавно го сподели.
Според МВР, „Безбеден град“ ќе започне да функционира од 1.2.2026 година на територијата на Скопје, Тетово и Куманово, како и вдолж коридорите 8 и 10.
