Мандатот на актуелната претседателка на Врховниот суд истекува на 12 март, а постапката за избор на нов претседател на Судот е сè уште во тек
Со десет гласа „за“ и два „против“, Судскиот совет на денешната седница го одреди врховниот судија Џемали Саити за в.д. претседател на Врховниот суд. Саити ќе стапи на функцијата на 13 март сè до изборот на новиот претседател на Судот, за што постапката е во тек.

Мандатот на актуелната претседателка на Врховниот суд, Беса Адеми, истекува на 12 март.
Согласно Законот за судовите, во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател, Судскиот совет одредува в.д. претседател на судот од редот на судиите кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови.
На денешната седница на Судскиот совет беше посочено дека е потребно да се избере в.д. претседател на Судот бидејќи мандатот на актуелната претседателка истекува на 12 март, а постапката за избор на нов е сè уште во тек.
Членот на Судскиот совет Ханиф Зендели го предложи Саити за в.д. претседател на Врховниот суд бидејќи, како што рече, актуелната претседателка Беса Адеми и Ариф Фидани се кандидати за претседатели на овој Суд, сметајќи дека тие не би требало да бидат именувани за вршители на должност за да не се сфати дека некој од нив се фаворизира за понатамошниот тек од постапката.
Претседателот на Судски совет, Александар Камбовски, пак, за в.д. ја предложи актуелната претседателка на Врховниот суд бидејќи според него таа добро ја извршувала функцијата и смета дека не би имало некоја пречка да продолжи како в.д. до изборот на новиот претседател на овој Суд.
Членката на Судскиот совет Весна Дамева побара и беше изземена од постапување по оваа точка со цел да биде исклучена можноста за судир на интереси бидејќи, како што посочи, пред Врховниот суд во тек е постапка за фирма во која одговорно лице е нејзиниот сопруг, а во која учествува Совет од пет судии, а оти како предлог може да се најде еден од тие судии кои постапуваат во овој предмет. Поради исклучување судир на интереси, Дамева побара да биде сменета и од местото член и претседател на Комисијата за избор на претседател на Врховниот суд, а на нејзино место беше именувана членката на Советот, Тања Чачарова-Илиевска.