Со реконструкцијата Николоски вели дека ќе се подобри безбедноста на патниот правец што ги поврзува не само Кичево со Охрид и Струга, туку генерално и Скопје со овие градови

Патниот превој Пресека до февруари идната година ќе биде целосно рехабилитиран. Ова го најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски во објава на неговиот фејсбук-профил.
Рехабилитацијата, како што вели Николоски, опфаќа реконструкција на една од најважните сообраќајни артерии во државата. Проектот вклучува целосна рехабилитација на 11 километри и се очекува градежните работи да завршат најдоцна до февруари.
Со реконструкцијата Николоски вели дека ќе се подобри безбедноста на патниот правец што ги поврзува не само Кичево со Охрид и Струга, туку генерално и Скопје со овие градови.
„Се работи со одлична динамика и до февруари би требало целиот патен правец да е завршен, што многу ќе помогне додека не се пушти целиот автопат Охрид-Кичево, побезбедно и побрзо да се патува, имајќи предвид дека патниот превој Пресека беше во една навистина катастрофална состојба“,
вели вицепремиерот Николоски.
Вчера, на увидот на рехабилитација на патниот правец со Николоски присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски, како и градоначалниците на Кичево и Дебрца.
