Приговор до ДИК поднел Хаким Рамадани од ВЛЕН, кој ја изгуби градоначалничката трка во Брвеница од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, за 150 гласа, а приговор за сумирање и утврдување на резултатите за две избирачки места во Општина Карпош поднела и коалицијата „Искуство за успех“, чиј кандидат Стевчо Јакимовски во вториот круг изгуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, за 1 134 гласа
Државната изборна комисија (ДИК) до денеска претпладне примила вкупно 16 приговори во врска со постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг од локалните избори, одржан на 2 ноември.

Приговор до ДИК поднел Хаким Рамадани од ВЛЕН, кој ја изгуби градоначалничката трка во Брвеница од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски за 150 гласа. Приговорот се однесува за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во избирачките места 2034, 2033, 2032, 2035, 2034, 2033, 2032 и 2035 во Брвеница
Приговор за сумирање и утврдување на резултатите за две избирачки места (2631 и 2613) во Општина Карпош поднела и коалицијата „Искуство за успех“, чиј кандидат Стевчо Јакимовски во вториот круг изгуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, за 1 134 гласа.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднела десет приговори за избирачки места во Шуто Оризари (2956, 2971/1, 2973, 2959/1, 2955, 2956/1, 2959, 2961/1, 2961, 2971), а приговори за избирачките места 2966, 2962 и 2961 во оваа општина поднеле и од Сојузот на Ромите. Во Шуто Оризари победи Курто Дудуш од Унијата на Ромите со освоени 3 894 гласа наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ерџан Демир, кој доби 3 406 гласа.
Крајниот рок за поднесување приговори завршува денеска во 16:30 часот, 48 часа по објавувањето на првичните резултати, а седницата за одлучување по приговорите најверојатно ќе се одржи утре.
