Очекувам наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани, рече Андоновски
На Дигиталниот самит на Западен Балкан што ќе се одржува на 1 и 2 октомври во Скопје, се очекува земјите од Западен Балкан да усвојат заедничка изјава со повик кон ЕУ да се забрза процесот „роаминг како дома“ и нула трошоци за интернет, кажа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Унијата, како што рече Андоновски пред еден месец излезе со патоказ што треба да го исполниме како држави за да пристапиме кон оваа зона, но потребна е активност и од нејзина страна.
„Ние нашите обврски ќе ги завршиме до декември 2025-та и очекувам наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани,“
рече Андоновски.

Според него, државата напредува во исполнување на обврските. Главна, како што рече, беше измената на Законот за електронски комуникации.
„Остануваат уште неколу подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот Акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот,“
додаде Андоновски.
На прашањето дали паралелно ќе се следи процесот на исполнување на условите кај сите земји, Андоновски појасни дека секоја држава од Западен Балкан одговара за себе.
„Минатиот пат, кога се потпишаа договорите за роаминг на Западен Балкан ги потпишаа сите држави во исто време. Овој пат, со оглед дека е во врска со ЕУ, би требало да биде секоја држава за себе. Планот на ЕУ е за сите држави од Западен Балкан. Тоа останува да го дискутираме на претстојниот „Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025“ и се надевам дека ќе имам е конкретен одговор на ова прашање, но наша обврска е ние да бидеме подготвени до јануари,“
потенцира Андоновски.
Самитот ќе биде организиран на две сцени – главна и технолошка, со три носечки приоритети: дигитален паричник, интероперабилност и сајбер-безбедност.
На технолошката сцена ќе бидат отворени теми за вештачка интелигенција, 5G и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и пристапот на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.