До 18:30 часот на локалните избори денеска гласале 49,11 отсто или 713 043 граѓани, покажуваат најновите податоци на Државната изборна комисија (ДИК) на обработени 79,56 отсто од гласовите.

На последната прес-конференција претседателот на ДИК, Александар Даштевски, рече дека овој резултат може да е од 5 до 6 проценти повисок, со оглед на тоа што во овие пресметки не влегуваат оние граѓани што гласале без отчитување отпечаток од прст преку електронските уреди.
Даштевски повика и партиите и медиумите да се воздржат односно да го продолжат молкот до 19:30 часот.
„Во врска со гласањето каде се затекнати гласачи пред објектот и треба да гласаат ДИК смета дека е добро да се излезе во пресрет и на гласачите, но и на медиумите и на партиите, па затоа повикуваме до 19:30 часот да се воздржат од своите редовни активности. Проценуваме дека гласачите кои гласаат ќе влезат во објектите за гласањето до 19:30 часот така што ДИК смета дека ова е најдобро решение“,
рече Даштевски.
На новинарско прашање врз база на што е донесена ваквата одлука и зошто ретерира од претходната прес-кпонференција кога рече дека гласањето може да трае и до 22 часот, Даштевски вели дека во меѓувреме направи консултации со Општинските изборни комисии (ОИК).
„Не реков никогаш на неопределено, реков колку ќе биде потребно. Во меѓувреме се консултиравме со ОИК и тие сметаат дека луѓето што гласаат ќе влезат во просториите. До 19 завршува гласањето, меѓутоа тие што не гласале имаат право да си гласаат ако се пред просториите“,
рече Даштевски.

Право на глас на овие избори, како што е запишано во Избирачкиот список, имаат 1 824 864 граѓани.
Државната изборна комисија првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.