Од Државната изборна комисија додаваат дека гласањето започнало точно во седум часот утринава и се одвива непречено во сите општини и Градот Скопје

Државната изборна комисија (ДИК) информира дека до 16 часот гласале 2 762 гласачи од вкупно 4 826 болни или немоќни лица кои денеска можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори.
Од ДИК додаваат дека гласањето започнало точно во седум часот утринава и се одвива непречено во сите општини и Градот Скопје.
„Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1 256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 16:00 часот гласале 78 гласачи“,
соопшти ДИК.
Во вториот круг од локалните избори утре се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1 013 375 граѓани.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко попладнево информираше дека гласањето на болните, изнемоштените и затворениците се одвива непречено и без никакви потешкотии. До ДИК, како што рече, не е пристигнато ниту официјално ниту неофицијално известување за евентуални проблеми.
