Во однос на пријавата за наводна изјава на кандидат за градоначалник, кој ветувал парични средства во готово за ранливи категории и пензионери, ДКСК утврдила дека не станува збор за директно прекршување на изборниот процес

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница информира за постапувањето по повеќе пријави поднесени во текот на изборниот процес за локалните избори. Дел од пријавите се проследени до надлежни институции, додека за дел од нив Комисијата утврдила дека не постојат прекршувања и тие се затворени.
Еден од случаите се однесува на директорка на средно училиште, која во електронска комуникациска група споделила содржина креирана од политичка партија и изборен плакат, со молба за поддршка на кандидат преку споделување на објавата.
ДКСК утврдила дека за овој случај надлежен орган за понатамошно постапување е Јавното обвинителство (ЈО).
Комисијата информира и за пријави каде што не е утврдено прекршување на законските одредби.
До нив бил пријавен избор на професор за проректор на универзитет, но ДКСК утврдила дека избраното лице веќе имало работен однос во моментот на одлуката, па тоа не се смета за нова постапка за вработување.
Исто така, имало пријава и дека одговорно лице на средно училиште донело одлука за вработување, за што од ДКСК сметаат дека било во рамките на дозволениот период и не се утврдени прекршувања.
Во однос на пријавата за наводна изјава на кандидат за градоначалник, кој ветувал парични средства во готово за ранливи категории и пензионери, ДКСК утврдила дека не станува збор за директно прекршување на изборниот процес.
„Се работи за изјава дадена пред медиуми за дел од програма на кандидат којшто е посветен на ранлива категорија на граѓани како и на пензионери. Се работи за проект којшто го промовира и мерка која подразбира дел од неговата програма и промоција на активностите коишто ќе бидат реализирани во текот на мандатот“,
рекоа од ДКСК.
