Актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска
По информацијата дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, е осомничена во предметот „Адитив“ за оддавање службени информации, од Комисијата информираат дека во рамки на своите надлежности продолжуваат да функционираат редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Како институција остануваме транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи“,
се вели во соопштението на Антикорупциска испратено до медиумите.
Актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Димитровска вчера беше изведена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје кој, одлучувајќи по предлогот на Обвинителство, ѝ определи мерки за претпазливост и забрана за преземање на одредени работни активности, откако претходно Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја прошири истрагата за уште три лица во рамки на предметот „Адитив“.
Димитровска е обвинета дека преку апликациите за пораки Вибер и Ватсап му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот „Адитив“.