Одлуката на ДКСК денеска ја поздравија од опозицискиот СДСМ од каде што велат дека чекорот на Комисијата е во вистинска насока, но оти сега е на ред Јавното обвинителство

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе утврдува дали има судир на интереси во случајот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го објави пред два дена, а се однесува на тендерите во Министерството за дигитална трансформација.
„Во текот на вчерашниот ден по објавите во медиумите, Антикорупциска комисија оформи предмет по сопствена иницијатива и ќе постапува да се утврди дали има судир на интереси“,
велат од ДКСК за МИА.
Одлуката на ДКСК денеска ја поздравија од опозициската СДСМ од каде што велат дека чекорот на Комисијата е во вистинска насока, но оти сега е на ред Јавното обвинителство.
„Фактите се кристално јасни: компанијата на сопругот на Клинчарова добила два тендери, а министерот Андоновски прво се обидуваше да сокрие, а потоа и да ја оправда оваа скандалозна ситуација со апсурдни изговори. Ова не е само судир на интереси – ова е очигледен случај на корупција“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Од партијата најавуваат дека во текот на денот ќе изнесат дополнителни докази кои ќе ѝ помогнат на ДКСК, но и на сите надлежни институции, во целосно расчистување на овој случај.
Од СДСМ, во понеделникот, објавувајќи договори што биле склучени меѓу Министерството за дигитална трансформација и фирма од Скопје, обвинија за скандал во оваа државна институција во кој, како што рекоа оттаму, има конфликт на интерес.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека ова е пример за директен конфликт на интерес, непотизам и основано сомнение за корупција во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски.
Кузеска покажа два договори за кои рече дека се склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги „Матео дизајн“ од Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на Гордана Клинчарова.
Вчера ги повикаа ДКСК и Јавното обвинителство да постапат за овој случај велејќи оти сите докази и документи со кои располагаат се јавно објавени и затоа нема да им биде проблем да ги обезбедат и да постапат за случајот да биде целосно расчистен.
По објавувањето на договорите од страна на СДСМ на прес-конференција излезе министерот Стефан Андоновски кој рече дека се додека договорот со „Матео дизајн“ не дошол кај него за потпис тој не знаел дека постои таква фирма и смета дека во овој случај ниту еден дел од неговата изјава за судир на интереси не е прекршен.
Тој додаде и дека државната секретарка во Министерството не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза и оти нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството. Оттука, како што рече, не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна.