При пренамената на земјиштето, како што изјави претседателката на ДКСК, геодетската фирма никогаш не излегла на терен, туку верувала на документацијата што ја добила од Општината иако во геодетскиот елаборат јасно било нацртано дека под куќата на подносителот на јужната страна има премин. Струшкиот градоначалник, пак, за да ја заведе оваа незаконитост, вели Ивановска, заверил фалсификуван документ на кој не е евидентиран преминот на јужната страна
Освен струшкиот градоначалник, во случајот за отуѓување на земјиштето, ДКСК иницира кривична постапка и против вработени во општината, геодетско друштво и стручни лица, а бара и преиспитување на работењето на судии од Управниот суд и Вишиот управен суд
Антикорупциската комисија поведе иницијатива за кривична постапка против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, вработени во општината, геодетско друштво и стручни лица поради, како што соопштија на денешната седница на Комисијата, случај за отуѓување на 143 квадратни метри државен имот во центарот на Струга.
Образложувајќи ја постапката, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, кажа дека се работи за земјиште во центарот на Струга кое го отуѓило „Инекс Дрим“ АД Струга, поврзан со субјект од Австрија кој работи во областа на игрите на среќа, коцкарница и обложувачница.

Со тоа, како што додаде Ивановска, се отвораат и сомнежи за перење пари и поткуп заради стекнување корист по пат на отуѓување земјиште и тоа во централното градско подрачје на Струга.
„За да се одговори позитивно на барањето за отуѓување на земјиштето на ‘Инекс Дрим’ АД Струга, Општина Струга започнала со пренамена од пат на градежно земјиште. Наместо тоа да биде на товар на Општината, товарот го платила фирмата којашто барала да го откупи земјиштето. Понатаму, при пренамената, крајно незаконски е оформена нова катастарска парцела со спојување означени катастарски парцели за да може јавното добро пак да се прикаже како градежно земјиште“,
рече претседателката на ДКСК, Ивановска.
При пренамената, продолжи Ивановска, геодетската фирма никогаш не излегла на терен, туку верувала на документацијата што ја добила од Општината иако во геодетскиот елаборат јасно било нацртано дека под куќата на подносителот на јужната страна има премин. Струшкиот градоначалник, пак, за да ја заведе оваа незаконитост, вели Ивановска, заверил фалсификуван документ на кој не е евидентиран преминот на јужната страна.
„Управниот суд и Вишиот управен суд ги отфрлиле тужбите и жалбите на подносителот, не се впуштиле во расправање на состојбите и не воделе сметка за ништовноста на правните акти во смисла на членот 66 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Исклучок е само една пресуда. Поткрепа за овие состојби наоѓаме и во новоизработениот геодетски елаборат којшто се направи во текот на постапката којашто се водеше во ДКСК, а кој подносителот го достави во оригинал до нас. Во овој геодетски елаборат е наведено дека, цитирам: ‘предметната зграда е погрешно прикажана во катастраскиот план бидејќи таа во 1970 година постоела и денеска постои на теренот и како таква требало да биде евидентирана во Катастарот согласно членот 12 од Правилникот за премер којшто гласи конзолно наддените делови на зградата не се пресметуваат во површината на земјиште на зградата’“,
рече Ивановска.
Во случајот, како што додаде претседателката на ДКСК, е констатиран и судир на интереси на вработен во општината кој бил претседател на Комисијата за отуѓување на земјиштето. Постапувајќи по предметот за „Инекс Дрим“ АД Струга за отуѓување градежно земјиште, тој прифатил геодетски елаборат од геодетска фирма во која работела и сè уште работи неговата сопруга.
