Во претставката, како што соопштија од ДКСК, се наведува дека директорката не ги доставила извештаите за работата на Агенцијата до повеќе тела во државата, како што е предвидено во Законот за Агенцијата за разузнавање
Од Антикорупциската комисија посочија дека не можат да навлезат во надлежноста дали комуникацијата и размената на податоци меѓу Агенцијата за разузнавање и останатите органи е согласно потребите, од причина што, како што велат, надлежен за законитоста во постапувањето на АР е претседателот на државата
До Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) стигнала претставка против актуелната директорка на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева. Во претставката, како што соопштија од ДКСК на денешната седница, се наведува дека таа не ги доставила извештаите за работата на Агенцијата до повеќе тела во државата, како што е предвидено во Законот за Агенцијата за разузнавање.

„Согласно Законот за Агенцијата за разузнавање во член 3 став 2 е уредено дека Агенција за работите од нејзина надлежност ги известува органите во државата – претседателот на Собранието, до Владата, до претседателот на Владата, како и до Советот за координација на безбедно-разузнавачка заедница и други органи во државна управа зависно од предметот на работење. Претставката се однесуваше во насока дека директорот на Агенцијата досега нема доставено информации за своето работење до Собранието, која размена на податоци согласно Законот е зависно од предметот на интерес на самото работење“,
информира членот на ДКСК, Цвета Ристовска, на денешната седница на Комисијата.
Од Антикорупциската комисија посочија дека не можат да навлезат во надлежноста дали комуникацијата и размената на податоци меѓу Агенцијата за разузнавање и останатите органи е согласно потребите, од причина што, како што велат, надлежен за законитоста во постапувањето на АР е претседателот на државата.
- Шефицата на државата ја именуваше Габриела Јаковлева за нова директорка на Агенцијата за разузнавање
Поради тоа, антикорупционерите решија предметот да ѝ го препратат на одлучување на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање.
„ДКСК нема надлежност да навлегува дали комуникацијата согласно закон помеѓу наведените институции тече согласно потребите и динамиката која ја определува самата Агенција. За размена на нивните информации дали се во време и на место согласно закон, проценува претседателот на државата“,
рече членот на ДКСК, Цвета Ристовска.
Покрај оваа, на денешната седница на ДКСК беше презентирана уште една претставка против вработен во Агенцијата за разузнавање кој наводно на Фејсбук имал фотографии од партиски штаб во времето на парламентарните избори. Ниту за овој предмет, како што посочија од ДКСК, нема да постапуваат, а наводите за овој случај треба да ги провери внатрешната контрола на Агенцијата за разузнавање.