Од Град Скопје, кој ја презема „Дрисла“ во своја сопственост, тврдат дека не се согорува опасен отпад без дозвола. Во реакцијата посочуваат дека ова јавно претпријатие откако е во рацете на градските власти прераснало во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните
В.д. директорот на Инспекторатот за животна средина Сретен Стојковски денеска информира дека откако е дојден на функција, издадени се решенија за забрана на прием и третман на 26 видови на опасен отпад во Јавното претпријатие (ЈП) „Дрисла“, поради непоседување на соодветни инсталации.
„Во овој период се изречени решенија на ЈП за депонирање на комунален отпад ’Дрисла‘ за забрана да врши прием и третман на 26 шифри, односно видови на опасен отпад, меѓу кои отпад од пестициди, киселини, опасен отпад што содржи жива, од А-интегрираната дозвола издадена на 19.02.2021 година, поради непоседување на инсталација за третман или преработка на посочениот отпад“,
наведе Стојковски.
Тој додаде дека од „Дрисла“ е побарано да постапи согласно член 116 од Законот за животна средина и да поднесе барање до надлежен орган, Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), за измена на интегрираната еколошка дозвола и да ги раскине сите склучени договори за прием и третман на тие видови на опасен отпад.
„Симптоматично е како претходната директорка пет месеци од издавањето на дозволата не реагирала пред да биде разрешена, иако учествувала во инспекцискиот увид и знаела дека „Дрисла“ нема инсталации за третман и преработка на опасен отпад“,
рече в.д. директорот на ДИЖС.
Стојковски образложи дека на „Дрисла“ и е издадено решение со кое се задолжува во предвидениот рок да поднесе барање до Управата за животна средина да ја измени А-интегрираната дозвола и во тој период да ги раскине сите договори и да не смее да прима опасен отпад од наведените видови на отпад.
Стојковски вели дека не му е јасно како е издадена дозволата бидејќи нема соодветна инсталација за третман и зошто во инспекцискиот надзор е констатирано дека нема забелешки во однос на инсталацијата.
„Пет месеци пред моето доаѓање, ЈП ’Дрисла‘ функционирало со таа дозвола и не е постапувано согласно законот, било потребно директорката да ја одземе дозволата“,
нагласи Стојковски.
Тој додаде дека „Дрисла“ не е парично казнета и дека и е даден да се усогласи. Дозволата, како што додаде, е издадена на 19 февруари 2021 година, а барање е поднесено во ноември 2020.
„Ние со решение им забранивме на „Дрисла“ да примаат таков отпади им дадовме рок да си достават барање до МЖСПП. Исто така, и Министерството е известено со информација за нашето решение, така што „Дрисла“ веќе не може да прима таков опасен отпад. Рокот е 90 дена. Во моментов ’Дрисла‘ има А-интегрирана еколошка дозвола каде во еден од прилозите, прилог 3, има 36 шифри на опасен отпад коишто се наведени во дозволата, а никаде во дозволата нема објаснување за екологијата, инсталации и начин на преработка и складирање на таквиот отпад што е симптоматично и не знам како е издадена таква дозвола за таков вид на отпад“,
истакна Стојковски.
Директорот наведе дека работат на тоа да дојдат до конкретни сознанија што од опасен отпад е фрлано во „Дрисла“.
„Во дописот до МЖСПП побаравме да се направи генерална еколошка ревизија со којашто ќе се направи увид во комплетната состојба со ’Дрисла‘. Бидејќи при пренос на сопственоста од Јавно приватно партнерство во ЈП било потребно да се направи генерална еколошка ревизија тоа не е направено, пред издавањето на дозволата“,
посочи Стојковски.
Од Град Скопје, кој ја презема „Дрисла“ во своја сопственост, тврдат дека не се согорува опасен отпад без дозвола. Во реакцијата посочуваат дека ова јавно претпријатие откако е во рацете на градските власти прераснало во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните.
„Откако ЈП ’Дрисла; е повторно во надлежност на Градот набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето. Во ЈП ’Дрисла‘ освен медицински отпад кои се третира согласно предвидените процедури, не се согорува друг вид опасен отпад без дозвола“,
велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат и дека постапуваат по забелешките на Државниот инспекторат за заштита на животната средина и до надлежното министерство имаат поднесено барање за скратување на бараните шифри за опасен отпад.
И од менаџментот на „Дрисла“ во изјава за повеќе медиуми, ги отфрлија наводите дека се согорувал отпат без соодветна инсталација.