При надзорот било утврдено оти резервоарите за складирање сулфурна киселина се празни
Рудникот „Казандол“ во моментот не претставува опасност за животната средина и локалното население, соопшти Државниот инспекторат за животна средина.
Ваквиот став на Инспекторатот следува по извршениот надзор на локацијата на рудникот на 4 мај по претставка на граѓански организации од Валандово, кои побарале да се утврди дали има потенцијална опасност за животната средина и околните населби, имајќи предвид дека не е познато во каква состојба се отворените копови и цистерните за сулфурна киселина.

Владата во 2018 година еднострано го раскина договорот за концесија поради неисполнување на условот од договорот од страна на концесионерот во рок од две години од добивање на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 % од експлоатираната руда.
Оттогаш, според Инспекторатот, нема активности на локацијата, а изградбата беше запрена. Објектите и опремата на локацијата се чуваат од страна на поранешниот концесионер. Покрај физичкото обезбедување, почната е стечајна постапка, која не може да продолжи бидејќи во тек е постапка за арбитража иницирана од страна на поранешниот концесионер, кој побарува отштета од државата.

Од Инспекторатот соопштуваат дека при надзорот било утврдено оти резервоарите за складирање сулфурна киселина се празни.
„Објектите и опремата се сè уште во добра состојба, освен што е откорната и оштетена покривната конструкција од производната хала. На отворено се чуваат заштитната фолија во ролни и вреќите со минерална подлога за заштита на подземните води, а се поставени на одлагалиштето на кое требаше да се врши лужење руда со сулфурна киселина. Под одлагалиштата се лоцирани повеќе ископи за јаловишта и хавариско езеро. Првиот ископ е обложен со заштитна фолија и е исполнет со вода, а во езерцето има жив свет, додека другите ископи не се исполнети со вода. На теренот – во објектите и надвор од нив, нема складирано хемикалии“,
соопшти Државниот инспекторат за животна средина.
