Шеху не се согласува со тоа бројот на советници да се определува само според бројот на луѓе што живеат во општината и смета дека треба да се земе во предвид и нерезидентното население

Членката на Државната изборна комисија (ДИК), Дитмире Шеху денеска поднела тужба до Управниот суд во врска со упатството што го изгласа ДИК за бројот на општински советници. Информацијата Шеху ја потврдила за државната информативна агенција МИА.
Шеху, уште на седницата на ДИК пред три дена, најави дека ќе поднесе тужба откако со пет гласа „за“ и еден „против“ беше донесено Упатството за пополнување образец за листи на кандидати за членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје.
Шеху не се согласува со тоа бројот на советници да се определува само според бројот на луѓе што живеат во општината и смета дека треба да се земе во предвид и нерезидентното население.
Гласањето по оваа точка од дневниот ред на 130. седница на ДИК требаше да се случи на претходната седница, но беше одложено откако Шеху, која во ова тело дојде како предлог на ДУИ, тогаш побара Упатството да се донесе со конензус, односно едногласно.
Поради ова, барањето беше испратено до правната служба на ДИК за да даде мислење, по што Упатството беше ставено на гласање и усвоено со мнозинство, а не со консензус, како што инстистираше Шеху и таа беше единствената што се изјасни против оваа одлука.
Управниот суд, најдоцна во рок од 48 часа, треба да одговори на тужбата на Шеху.
Инаку, Шеху, како и партијата на чиј предлог дојде за член на ДИК, смета дека упатството не може да биде донесено во основа на одлуката на Владата од септември минатата година, со која беше намален бројот на советници во 14 општини.
Одлуката на Владата произлезе од пописот на населението кое покажа намалување на бројот на жители, поради што согласно Законот за локална самоуправа од Илинденска број 2 донесоа одлука за намалување и на бројот на советници во тие општини.
Членката на ДИК, Шеху, од друга страна, побара Комисијата во упатството да одреди поинаков број советници од оној во владината одлука, во чија пресметка би влегол и бројот на иселениците.
За потсетување, согласно резултатите од Пописот на населението од 2021 година, и согласно Законот за локална самоуправа, Владата во септември минатата година донесе одлука за зголемување на бројот на општински советници во Кисела Вода, Карпош и во Студеничани, и намалување на бројот на советници во 14 општини – Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јегуновце, Ново Село, Теарце и Центар Жупа. Најголемо намалување, од 31 на 23 советници има во Гостивар. Според пописот од 2002, Гостивар имаше над 80 илјади жители, но во 2021 падна бројот падна под 60 илјади жители.