Освен за Хајрулахи, Комисијата донела одлука и за вишиот обвинител Јован Цветановски, на кој, како што соопштуваат од ЈОРСМ, одредена му е казна намалување на плата во висина од 30 отсто во траење од шест месеци

За суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи ќе биде поднесен предлог за разрешување до Советот на јавни обвинители, откако Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донела одлука дека сторил тешки дисциплински повреди.
Освен за Хајрулахи, Комисијата донела одлука и за вишиот обвинител Јован Цветановски, на кој, како што соопштуваат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ), одредена му е казна намалување на плата.
Од ЈОРСМ велат дека биле спроведени две дисциплински постапки и детално испитување на фактите, по што Комисијата ги прифатила предлозите од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Утврдено било дека двајцата обвинители извршиле тешки дисциплински повреди согласно член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
Во една од постапките, Комисијата утврдила дека Цветановски нестручно и несовесно постапил во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Како дисциплинска мерка, на овој обвинител му е изречено намалување на платата во висина од 30 отсто во траење од шест месеци, сметано од правосилноста на решението.
Од ЈОРСМ велат дека за Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, Хајрулахи, биле водени две одделни дисциплински постапки, и во двете биле утврдени неправилности.
Во првата постапка, Комисијата констатирала неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје. Во втората, утврдена е одговорност за нестручни одлуки донесени во три од наведените предмети, бидејќи тие биле реферирани кај него и одлуките биле донесени со негова согласност.
Поради утврдените тешки дисциплински повреди во двете постапки, Комисијата донела одлука до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје.
„Единствено во однос на наводите за уште една тешка дисциплинска повреда, која се однесува на нарушување на угледот на Јавното обвинителство од страна на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, Комисијата одлучи дека постои застареност на предлогот“,
додаваат од ЈОРСМ.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, врз основа на наодите за констатираните состојби од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, во декември минатата година достави предлог за поведување дисциплинска постапка против шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи и еден јавен обвинител заради нестручно и несовесно работење во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение.
По доставениот предлот од Коцевски, Цветановски и Хајрулаки негираа дека местеле предмети. Цветановски рече дека немал законска обврска да го консултира Коцевски каква одлука да донесе. За конкретните случаи рече дека биле без докази, а обвиненијата нарачани.
Скопскиот виш обвинител Мустафа Хајрулахи рече дека ниту имало, ниту ќе има местење на предмети.
Претходно во ноември минатата година против шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Хајрулахи беше отворена истрага за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување.
Неколку дена подоцна со седум гласа „за“ и еден „против“, Советот на јавни обвинители донесе одлука со која го потврди решението на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за оддалечување од функцијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Дополнително, Советот ја одби како неоснована жалбата на Хајрулахи.
Хајлурахи тогаш на прес-конференција обвини дека врз него се врши притисок од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со цел да се влијае на актуелни предмети. Тенденцијата, како што кажа, е тој да биде отстранет и да се замолчи, како и да се заплашат другите колеги.