„На што се должи тој оптимизам? Се должи на стартот на годината. Стартот на годината нам ни дава индикации како ќе се развива остатокот од оваа година“, вели првиот човек на „Електрани“ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Господине Узунчев, зошто сте сè уште толку далеку од планот за враќање на компанијата на здрави нозе, на позитивна нула?
Узунчев: Затоа што, за жал, ние кога дојдовме на чело на оваа компанија, зборувам јас и Управниот одбор, во септември, односно на почетокот на септември 2024 година, затекнавме девастирана компанија. Компанија којашто апсолутно беше на раб на егзистенција.
360°: Со сите директни трансфери од буџетот коишто ги добиваше?
Узунчев: Со сите тие трансфери. Па, тие трансфери од буџетот беа искористени за да се подмират сите оние договорни обврски коишто ги имале кон добавувачите, а имајќи предвид дека речиси сите од нив биле спроведени на несоодветен начин, огромни средства се одлеани во нечии џебови. Меѓутоа, она што е потрагично е што оваа компанија во изминатите седум-осум години, значи од 2017 година од август па до август 2024 година, нема инвестирано ниту еден денар во нови производствени капацитети. Кога ние дојдовме на чело на оваа компанија, затекнавме неремонтирани, необновени стари технологии коишто едвај успеваат да покријат 70 проценти од вкупниот конзум којшто не е променет во изминатите седум-осум години. Значи, конзумот во Македонија е на исто ниво во последниве седум-осум години, и наместо да се искористи овој период да се инвестира во нови производствени капацитети, особено капацитети коишто ќе овозможат т.н. зелена енергија и ќе овозможат помека транзиција кон неа, ние затекнавме компанија којашто немаше ниту еден нов производствен капацитет. Последниот производствен капацитет во оваа компанија е ветерниот парк во Богданци којшто е имплементиран уште во далечната 2014 година.
360°: Ја слушаме реториката од Владата, велат престанаа директните трансфери од буџетот кон компанијата, но од друга страна компанијата се задолжува кај комерцијалните банки, така што таа сè уште не работи рентабилно. Што е, според вас, некаков оптимален рок во којшто ќе успеете да го направите тоа?
Узунчев: Јас сум оптимист. Бев оптимист и во 2025 година и оптимист сум дека и оваа година ќе ја завршиме на позитивна нула, односно ќе бидеме во профит. Можеби не во некои износи коишто се значителни, меѓутоа психолошкиот фактор ќе биде на наша страна бидејќи годината ќе ја завршиме во позитива. На што се должи тој оптимизам? Се должи на стартот на годината. Стартот на годината нам ни дава индикации како ќе се развива остатокот од оваа година.
360°: Со сета неизвесност што ја носат случувањата на Блискиот Исток го кажувате ова?
Узунчев: Да, тоа го кажувам со полна сигурност бидејќи очекувам нормализација на состојбата на Блискиот Исток во наредните два-три месеци, којашто повторно нема да не доведе во преткризната ситуација, меѓутоа импактот на цената на мазутот и нафтените деривати, имајќи го предвид учеството на термоблоковите во вкупното производство ќе биде релативно помало и очекувам дополнителните приходи коишто ги имаме да нè доведат на профитната страна.
360°: Што е тоа што велите дека од почетокот на годината ви го влева оптимизмот за којшто зборувате?
Узунчев: Има една ситуација којашто е поврзана со таканаречениот СИБАМ (CBAM), односно таксата којашто Европската Унија ја имплементира од 1 јануари оваа година за сè што е произведено надвор од т.н. зелени производствени капацитети. Заради ситуацијата со СИБАМ и неприфаќањето на зелените сертификати од страна на Европската Унија, домашните производители и сите останати регионални коишто потекнуваат од државите коишто не се членки на Европската Унија направија еден невообичаен импакт, а тоа е цената на електричната енергија на нашата берза, на МЕМО, да биде многу пониска од ХУПЕКС (HUPX) берзата во Унгарија. Тоа нас како производител којшто има потреба да менаџира со енергенсите ни овозможува да купуваме евтина електрична енергија и притоа да го штедиме и хидропотенцијалот, но и оние енергенси коишто учествуваат во производството на електрична енергија во термоблоковите.
360°: Но, како крајна цел, интерес на државата ќе биде да го реши овој проблем со зелените сертификати. Јас ја разбирам вашата логика, но тоа не е во интерес на приватните производители на струја, нели? И сега вие го користите ова, тоа ќе ви помогне во работењето, но не им помага ним бидејќи им ја турка цената надолу и не можат да продаваат надвор од границите на регионот.
Узунчев: Можеби да, меѓутоа ова е тема за некоја друга институција. Јас како генерален директор на компанијата се раководам од оние можности и потенцијали коишто во моментов ни се на располагање. А тоа е одличен хидропотенцијал, којшто е за 10 проценти поголем од годишните просеци, којшто ни овозможува ние да го користиме секогаш кога имаме потреба да го зголемиме производството и особено во ноќните часови да продаваме електрична енергија по навистина одлични цени. И притоа да можеме во дневните часови, кога производството на електричната енергија е на многу ниско ниво. Ќе ви кажам еден податок, вчера на берзата во Унгарија се продаваше електрична енергија и за минус 175 евра за мегават-час.
360°: Вие по какви цени ја набавувате струјата од домашните производители?
Узунчев: Вообичаено правиме т.н. „чери пикинг“ (cherry picking), односно одбираме во кои часови колку електрична енергија ќе набавиме. Просечно во првиот квартал оваа година набавната цена ни била околу 30 евра за мегават-час.
360°: И тоа е огромна разлика меѓу производствената цена на „Електрани“ и цената по којашто може да се купи струја на берза.
Узунчев: Така е. Еве, ние ја донесовме одлуката во саботата и да изгасиме втор блок во Битола, затоа што набавивме електрична енергија за да го замениме целото производство на блокот по цена од 16 евра за мегават-час.
360°: Колку ви е производствената цена во првиот квартал?
Узунчев: Во зависност од каде доаѓа. На пример, од термоблоковите е околу 105 евра за мегават-час, а кај хидрото е 12,9 евра. Упросечено некаде околу 92 евра за мегават-час.
360°: Таа е пониска од 105 евра од минатата година. Но, кога на купче ќе ја ставите и струјата којашто ја набавувате од берза, на крај до колкава цена доаѓате упросечено споредено со 65 евра по коишто му ги продавате на универзалниот снабдувач?
Узунчев: Имајте предвид дека ние во јануари и февруари оваа година набавивме цена од домашен производител, од ТЕ-ТО – тогаш просечната цена за двата месеци изнесуваше 122 евра за мегават-час. И тоа го направивме само за да ни овозможи балансирање на енергенсите коишто ни се на располагање во остатокот од годината. Цената што ја постигнавме во договор со ТЕ-ТО беше многу пониска од берзанската цена и ни овозможи ние во два месеци да направиме значителни заштеди и во хидропотенцијалот, но и во делот на јагленот којшто понатаму ќе го користиме за да можеме да ги продаваме вишоците по многу повисока цена.
