Директорот на „Службен весник“ Мартин Костовски соопшти дека ќе биде во 14-дневна самоизолација поради контакт со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
Како што најави Костовски на својот фејсбук-профил и покрај строгото почитување на мерките и минималните контакти со луѓе, направи тест на ковид-19 и ги очекува резултатите.
„Сакам да ве информирам дека јас пред еден час направив тест за вирусот ковид-19 поради контактот со другарката Сања Лукаревска која е позитивна на вирусот. За среќа немам никаков симптом и се надевам дека нема да бидам позитивен. Следните 14 дена ќе бидам во самоизолација и обврските ќе ги вршам во домашни услови. Затоа, уште еднаш апелирам до сите да не го потценувате вирусот и можноста за зараза и да бидете максимално внимателни“,
напиша Костовски.
Костовски во моментов е директор на „Службен весник“, а е кандидат за пратеник на СДСМ во втората изборна единица.