Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, денеска најави нови цени на горивата. Дизелот, како што рече, ќе поевтини за два денара.
„Уште еднаш се потврдува дека РКЕ работи по јавно објавена методлогија, а до 2019 година методологијата беше таен документ и не смееше да се објави. Тие што нè ставија на билборд, сега јавно да се извинат и да кажат дека лажеле“,
истакна Бислимовски.
Тој го изјави ова одговорајќи на новинарски прашања по работната средба со претставниците на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во Стопанската комора.
Дизелот поевтинува, цените на бензините остануваат исти
Инаку, и официјално од вечерва на полноќ дизелот поевтинува за два денара, а цените на бензините остануваат исти. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2 денара и ќе изнесува 94 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
