Бакаловиќ потврдил дека на горните катови каде што избувнал пожарот биле сместени лица со намалена подвижност и дека тие сочинуваат најголем дел од жртвите
Директорот на пензионерскиот дом во Тузла, каде што синоќа во пожар загинаа 11 лица, си поднесе оставка од функцијата, додека градските власти разгледуваат какви мерки би можеле да се преземат за да се утврдат причините за трагедијата и да се обезбеди сместување за преживеаните“, објавија регионалните медиуми.

„Утрово ја поднесов мојата оставка до одборот на директори“,
изјавил директор во оставка, Мирсад Бакаловиќ, за телевизијата на кантонот Тузла (РТВ ТК).
Информирајќи за својата одлука, тој рекол дека пожарот во домот и 11-те смртни случаи не се трагедија само за Тузла, туку и за цел Босна и Херцеговина, тврдејќи дека тој и другите вработени во домот направиле сè што можеле за да им помогнат на лицата сместени во установата.
Бакаловиќ рекол дека работеле цела ноќ за да ги згрижат жителите на домот и дека седум вработени исто така завршиле во Клиничкиот центар поради повреди.
„Им изразувам искрено сочувство на семејствата на починатите. Им се заблагодарувам на пожарникарите и на полицајците, влегоа внатре без маски или кислород, дадоа сè што можеа“,
рекол тој.
Бакаловиќ потврдил дека на горните катови каде што избувнал пожарот биле сместени лица со намалена подвижност и дека тие сочинуваат најголем дел од жртвите.
Според достапните информации, во пожарот се повредени најмалку 35 лица. Меѓу нив има жители на пензионерскиот дом, пожарникари и полицајци кои ги спасувале повозрасните лица од пожарот и просториите исполнети со чад.
Некои од повредените морале да бидат хоспитализирани, а дел од нив се во сериозна состојба.
„Од хоспитализираните лица, четворица се жители на домот и се на механичка вентилација. Пет пожарникари и тројца полицајци се исто така хоспитализирани“,
изјави Аднана Спречиќ, портпаролка на Министерството за внатрешни работи на Тузланскиот кантон, пренесе ХРТ.
Екипи на надлежните институции сè уште се на местото на пожарот, каде во тек е увидот кој треба да помогне во утврдувањето на причините за огнената стихија и сите други факти релевантни за истрагата.
Началничката на Службата за итни случаи во Тузла, Лејла Кулоглија, изјави дека се соочиле со огромна работа во која ги ангажирале сите расположливи екипи.
„Беше исклучително напорно и тешко. Направивме сè што можевме“,
рече таа.

Според информациите, пожарот избувнал вчеравечер по 20 часот на седмиот кат од зградата на домот, во одделението каде што биле сместени неподвижни лица.
Станува збор главно за лица со деменција и тешки форми на малигни заболувања кои се на палијативна нега.
Пожарот во домот за стари лица веднаш стана причина за сериозни обвинувања против раководството на установата.
Од политичката партија Наша партија реагирале преку писмено соопштение, наведувајќи дека нивниот советник во Општинскиот совет на Тузла предупредил за лошите услови за сместување во домот.
„Посочувањето на влага, неред, лош квалитет на храната, мобингот, навредите и незадоволството на корисниците не се медиумски сензации, туку прашања за достоинство и човекови права“,
велат од партијата.
Премиерот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, по трагедијата најави надзор на сите институции за социјална помош во ентитетот.
