Според истражувањето, ефективноста на вакцината „Фајзер/Бионтек“ паѓа од 95 на 91 процент по шест месеци
Европа може да достигне колективен имунитет против коронавирусот за три-четири месеци, изјави директорот на германската фармацевтска компанија „Бионтек“, Угур Сахин, пренесува Гласот на Америка.
Додека продолжува дебатата за прагот потребен за да се достигне клучно ниво на имунизација, експертите велат дека нивото од над 70 проценти од вакцинираните значително би го намалило пренесувањето на коронавирусот.
„Европа ќе достигне колективен имунитет до јули, најдоцна до август“,
изјави пред новинарите извршниот директор на „Бионтек“, Сахин.
Тој предупреди дека колективниот имунитет првично нема да ги опфаќа децата, имајќи предвид дека вакцината во моментов е одобрена само за постари од 16 години. Мал број деца заразени со ковид-19 имаат сериозни симптоми или долгорочни последици.
Сахин рече дека податоците за луѓето што примиле вакцина покажуваат дека реакцијата на имунолошкиот систем ослабува со текот на времето и дека најверојатно ќе биде потребна трета доза.
Според истражувањето, ефективноста на вакцината „Фајзер/Бионтек“ паѓа од 95 на 91 процент по шест месеци, додаде Сахин.
„Соодветно на тоа, ќе биде потребна трета доза за да се врати до речиси 100-процентна заштита“,
нагласи директорот на Бионтек.
Вакцината на компанијата во моментов се дава во две дози, со временско растојание од три недели, иако во некои земји периодот е подолг. Сахин сугерира дека третата доза треба да се даде од 9 до 12 месеци по првата.
„Потоа очекувам дека веројатно ќе биде потребно да се прима вакцина секоја година или можеби на секои 18 месеци“,
вели тој.
Во меѓувреме, се стравува дека постојните вакцини може да бидат помалку ефикасни против нови соеви на коронавирусот што се појавуваат во различни делови од светот.
Сахин нагласува дека „Бионтек“ ја тестирал својата вакцина против повеќе од 30 вида, вклучувајќи го и моментално доминантниот сој, кој првично беше регистриран во Велика Британија. Тој изјави дека вакцината лабораториски стимулира добар имунолошки одговор против речиси сите варијанти.
„Во случаи кога имунолошкиот одговор беше послаб, ефективноста на вакцината сепак беше доволна“,
додаде Сахин, но не даде прецизни податоци.
На прашањето за новиот вид откриен во Индија, Сахин рече дека ефикасноста на вакцината на тој сој сè уште се испитува.
„Како и да е, индискиот сој има мутации што претходно ги испитавме и против кои е ефикасна нашата вакцина, така што јас сум убеден и во тоа“,
нагласи Сахин.