Упатувањето заканувачки пораки поради неисполнето барање, кое е засновано на лични желби и лични интереси, претставува индивидуално психичко вознемирување и малтретирање и во случајов притисок и директно загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање и изразување, оценуваат од АВМУ

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, бил цел на анонимни закани поради одбиеното барање за одземање на дозволата за емитување на националната телевизија Алсат, соопштија од Агенцијата.
Трајчевски заканите ги добил на мобилниот телефон на 13 јули, а тие веќе се пријавени во МВР и другите надлежни институции од кои од АВМУ очекуваат брза разрешница. Исто така, известени се и меѓународни организации.
„Пораките се пратени откако Агенцијата, на седницата одржана на 11 јули, ја отфрли поднесената анонимна иницијатива за одземање на дозволата на ТВ Алсат-М. Агенцијата ја разгледа доставената иницијатива, меѓутоа се утврди дека не може да се пристапи до линковите кои беа посочени како наводен доказ дека ’Ве-ве груп‘, сопственик на Алсат-М, ја злоупотребува телевизијата и врши притисок врз државните институции за остварување на своите бизнис-потреби. Воедно, иницијативата беше доставена како анонимна пријава и немаше можност да се извести подносителот да ги отстрани недостатоците во неа“,
потсетуваат од Агенцијата.
Оттаму пораките ги сметаат за психичко вознемирување и малтретирање, но и напад на слободата на медиумите.
„Упатувањето заканувачки пораки поради неисполнето барање, кое е засновано на лични желби и лични интереси, претставува индивидуално психичко вознемирување и малтретирање и во случајов притисок и директно загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање и изразување“,
оценуваат од АВМУ додавајќи дека се надеваат оти ваквите случаи нема да се повторат во иднина бидејќи се рефлектираат не само врз медиумите туку и врз безбедноста и сигурноста на новинарите и медиумските работници.
За случајот со ТВ Алсат, „360 степени“ пишуваше минатата недела откако беше одржана седницата на АВМУ. На седницата Трајчевски предложи да се отфрли анонимната иницијатива за одземање на лиценцата на ТВ Алсат, а Советот едногласно на седница го прифати неговиот предлог.
„Со оглед на фактот дека пријавата е нејасна и нецелосна, линковите кои се доставени до Агенцијата не може да се отворат, да се види за што станува збор, а бидејќи станува збор за анонимна пријава, немаме можност да го известиме подносителот да ги отстрани недостатоците и да достави целосно нов предлог. Затоа предлагам да биде донесено решение за отфрлање на предметната иницијатива“,
рече Трајчевски тогаш на седницата.
Потоа во изјава за „360 степени“ тој објасни зошто иницијативата се најде на седница, но и оцени дека ваквите анонимни барањата до АВМУ може да значат и притисок врз медиумите, во конкретниот случај ТВ Алсат.
„Ова, по мене, може да е еден вид притисок. И вас како физичко лице да ве повикаат во полициска станица, без разлика дали сте направиле прекршок или не, додека чекате, ќе чувствувате притисок“,
рече директорот на АВМУ.
Потоа реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) кое го поздрави отфрлањето на иницијативата, но исто така посочи дека анонимните и неаргументирани иницијативи за одземање дозвола за емитување се сметаат за притисок врз радиодифузерите.
„Со загриженост ја проследивме веста на колегите, во која се наведува дека анонимен пријавувач побарал од ААВМУ да ја одземе концесијата на телевизијата Алсат-М. Ги охрабруваме членовите на Советот на ААВМУ во иднина претпазливо да постапуваат во вакви случаи особено кога станува збор за сомнителни пријави зошто очигледно служат за притисок кон новинарите“,
рекоа од ЗНМ по објавата на „360 степени“.