Во писмо објавено на својот профил на Икс, директорот на Националниот центар за борба против тероризмот Џо Кент рече дека Иран не претставува непосредна закана за САД и тврди дека администрацијата ја започнала оваа војна поради притисок од Израел и неговото моќно американско лоби

Високиот функционер за борба против тероризмот во администрацијата на Трамп поднесе оставка поради војната во Иран и го повика претседателот да го смени курсот.
Во писмо објавено на својот профил на Икс, директорот на Националниот центар за борба против тероризмот Џо Кент рече дека Иран не претставува непосредна закана за САД и тврди дека администрацијата ја започнала оваа војна поради притисок од Израел и неговото моќно американско лоби.
Белата куќа го отфрли писмото велејќи дека Трамп има убедливи докази дека Иран прв ќе ги нападне САД, пишува Би-би-си.
Според американскиот претседател Доналд Трамп, Кент е „фин човек“, но „слаб во безбедноста“.
Трамп рече дека писмото за оставка на Кент го натерало да сфати „дека е добро што е надвор“ и дека не се согласува со проценката на Кент за иранската закана.
Во писмото упатено до Трамп, Кент пишува дека високи израелски функционери и влијателни членови на американските медиуми спровеле кампања за дезинформации што целосно ја поткопале политиката „Америка на прво место“ и го поттикнале провоеното расположение за започнување војна со Иран.
„Оваа ехокомора беше искористена за да ве измами да верувате дека Иран претставува непосредна закана за Соединетите Американски Држави и дека доколку нападнете сега, постои јасен пат до брза победа. Ова беше лага и е истата тактика што ја користеа Израелците за да нè вовлечат во катастрофалната војна во Ирак, која ја чинеше нашата нација животите на илјадници наши најдобри мажи и жени. Не можеме повторно да ја направиме оваа грешка“,
додава тој во писмото.
After much reflection, I have decided to resign from my position as Director of the National Counterterrorism Center, effective today.
— Joe Kent (@joekent16jan19) March 17, 2026
I cannot in good conscience support the ongoing war in Iran. Iran posed no imminent threat to our nation, and it is clear that we started this… pic.twitter.com/prtu86DpEr
Кент во оставката упатува молба до Трамп да размисли за акциите во Иран.
„Ве молам, размислете што правиме во Иран и за кого го правиме тоа. Сега е време за акција. Можете да го смените курсот и да изберете нов пат за нашата земја или ќе дозволите да се движиме кон пропаст и хаос. Картите се во ваши раце“,
истакна Кент.
Тој е воен ветеран, кој учествувал во 11 борбени мисии, додека неговата сопруга загина во војна.
