Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, најави дека ќе се повлече од функцијата бидејќи добил понуда од премиерот Зоран Заев да биде негов советник.
Информацијата тој ја соопшти на денешната прес-конференција.

„Во текот на идната работна недела ќе дадам оставка од функцијата. Имам понуда од претседателот на Владата да бидам советник за областа земјоделство, безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, што за мене претставува посебен предизвик“,
рече Атанасов на денешната прес-конференција.
Тој е директор на агенцијата од средината на 2017 година. Пред именувањето за прв човек на АХВ, Атанасов беше советник во кабинетот на Љупчо Николовски додека беше дополнителен заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно во периодот на техничката влада.
Атанасов е доктор по ветеринарна медицина, а како официјален ветеринар во АХВ работел од 2011 година.