
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, соопшти дека е позитивна на ковид-19. Таа се тестирала по работните состаноци што ги имала заедно со сопартиецот Мухамед Зекири, кој вчера соопшти дека тој, сопругата и ќеркичката се позитивни на коронавирус.
Лукаревска вели дека не е сигурна како се заразила, а сите контакти што ги остварила периодов биле со целосно почитување на мерките за заштита. Нема никакви симптоми и ќе биде во домашна самоизолација.
„По веста што ја објави другарот Мухамед Зекири, а поради работните состаноци што ги имавме заедно, направив тест за ковид-19 и резултатот е позитивен. Немам никакви симптоми и веќе сум во домашна самоизолација. Не можам да бидам сигурна на каков начин сум го добила вирусот, но сите контакти што ги имав последниве денови беа со целосно почитување на мерките за заштита, со маска, на дистанца и со редовна дезинфекција. Ќе ги следам насоките на епидемиолозите во целост и очекувам повеќе информации од нивна страна, согласно анкетата што треба да ми биде направена. Им посакувам брзо оздравување на Муки и на семејството, на сите други заболени граѓани, како и негативни тестови на сите што се во самоизолација“,
напиша Лукаревска на својот фејсбук-профил.
По контактот со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири, во самоизолација се и вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерот Дамјан Манчевски, советникот за односи со јавност во Владата Марјан Забрчанец, новинарката Душица Мрѓа, во чија емисија на ТВ 24 гостуваше Зекири заедно со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Јанушев објави дека веќе се тестирал и добил негативен резултат.