Симоновска ја опиша средбата со министерот за здравство како „доста конструктивна“ и рече дека се надева оти ќе остане директорка на Клиниката. Рече дека изминатите четири месеци, од нејзиното назначување за директорка, постојано се ширеле и пласирале лаги, не само за неа, туку за целиот здравствен персонал во болницата
Директорката на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, Каролина Симоновска, денеска се сретна со министерот за здравство Арбен Таравари, откако вчера триесет доктори од Клиниката со писмо адресирано до премиерот, министерот за здравство и националниот координатор за здравство побараа нејзино итно разрешување поради незадоволство од нејзината работа.
Симоновска ја опиша средбата со Таравари како „доста конструктивна“ и рече дека се надева оти ќе остане директорка на Клиниката. Рече дека изминатите четири месеци, од нејзиното назначување за директорка, постојано се ширеле и пласирале лаги, не само за неа, туку за целиот здравствен персонал во болницата.
„Тоа се шест лица, не би сакала со име да бидат наведени, затоа што мислам дека не е во ред, кои од политички причини и сопствени цели сакаат буквално да ја оцрнат мојата работа во нашата клиника“,
рече Симоновска во изјава за медиумите.
Симоновска рече дека работи по закон и дека најлошо во целата ситуација е што, како што вели, политиката влегла на мали врати во болницата. Оцени дека одредена партија не може да се помири дека нема директор од своите редови во Клиниката.