Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во објавата на Фејсбук по поддршката што нивниот предлог-закон го доби од матичната собраниска Комисија, објави фотографија на која прстите од десната дланка му се поставени во форма на латинската буква „V“, што го симболизира зборот „Победа“ (Victory)
Со 70 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, Собранието денеска во рамките на 84. седница го донесе Законот за дополнување на Законот за здравствена заштита. Главна новина со дополнувањето на Законот, што се носеше по скратена постапка, е што со него се укинува дискреционото право на директорите на здравствените установи при избор за вработување кадар во јавното здравство.

Предлог-законот беше поднесен од пратениците на опозициската Левица – Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, а ја доби поддршката од нивните колеги од владејачкото мнозинство.
Претседателот на партијата, Димитар Апасиев, не го криеше задоволство што, како што напиша на својот фејсбук-профил, помина првиот закон на Левица.
„Во иднина, директорите на јавните здравствени установи ќе немаат дискреционо овластување и ќе мора да ги вработуваат најдобрите лекари на конкурсите!!! Нема веќе молење по штабови“,
вели тој.
Според него, дополнувањето на Законот за здравствена заштита воопшто не е мала промена бидејќи може да ги задржи најдобрите медицински кадри во државата, наместо масовно да се селат во Германија, Бугарија и по белиот свет на печалба.
На пленарната седница немаше дискусија по предлог-законот, а по гласањето претседателот на законодавниот дом констатира дека тој добил поддршка од сите 70 пратеници кои гласале.
Според образложението на Законот, тој треба да овозможи ефикасна примена на начелата на потребата од стручност и компетентност за работните позиции за кои кандидатот конкурирал и ќе се овозможи избор на најдобриот кандидат за вработување во здравствените установи. Со тоа, наведуваат предлагачите, ќе се врати довербата во здравствените институции и ќе се дестимулира одливот на дефицитарен медицински кадар од државата.
Претходно денеска предлог-законот го помина филтерот во матичната собраниска Комисија за здравство, каде што се одвиваше и главната дискусија по однос на предлогот на Левица.
Пратеничката од редовите на оваа партија, Јована Мојсоска, рече дека станува збор за измена на Законот за здравствената заштита, што треба да ѝ стави крај на негативната пракса од минатото, кога директорите на здравствените установи го користеле своето дискреционо право при изборот и вработување нови кадри во јавното здравство.
Ова дискреционо право, рече таа, се покажало како погубно бидејќи не се вработувале најдобрите туку пониско рангираните кандидати. Тоа, како што наведе, го довело во прашање и квалитетот на здравствениот систем.
„Сметаме дека со укинување на ова дискреционо право на директорите, за што има и автентично толкување дека претставува еден вид дискриминација, конечно ќе биде исправена една неправда. Со тоа значително ќе се подобри здравствениот систем, кој особено во јавното здравство е на стаклени нозе, а што го покажуваат и податоците“,
кажа Мојсоска пред матичната собраниска Комисија.
Аргументирајќи го својот став, таа рече дека државата во 2024 година изгубила над две илјади медицински сестри, како и дека секоја година од Македонија си заминуваат над двесте лекари.
Таа додаде оти секако дискреционото право на лекарите при вработување нови кадри не е единствената причина за ваквата состојба, но смета дека неговото укинување ќе придонесе кон подобрување на јавното здравство и задржување на најквалитетниот медицински кадар.

Нејзината колешка пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александра Николовска, изрази задоволство што, како што кажа, своето прво обраќање пред Комисијата за здравство е токму на тема од нејзината стручна област. Таа рече дека здравството, како клучен показател за развојот и благосостојбата на една држава, не смее да зависи од поединечна волја, туку мора да биде засновано врз јасни и еднакви правила за сите.
Предлог-законот, рече таа, навлегува директно во суштината на довербата, и во јавното здравство и во институциите.
„Начинот на вработување на здравствените работници не е техничко прашање, туку суштинска системска корекција што воведува транспарентни, објективни и мерливи критериуми. Ова го зборувам и од лично искуство. Како доктор, кој од неодамна го помина целиот процес за вработување, добро знам колку е важно оценувањето да се темели исклучиво на знаење, стручност и резултати, а не на субјективни одлуки“,
кажа Николовска.
Таа истакна дека тоа е особено значајно за младите лекари, кои вложуваат години труд и очекуваат фер и правичен третман.
Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за овој закон, додаде таа, е дел од нивните пошироки заложби за поедноставување на процедурите и за воспоставување систем на транспарентност, отчетност и одговорност во јавниот сектор.
Според неа, со усвојувањето на овој закон се испраќа јасна порака дека јавниот интерес е над индивидуалните и партиските интереси и дека квалитетот мора да биде единствениот критериум што одлучува.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во објавата на Фејсбук по поддршката што нивниот предлог-закон го доби од матичната собраниска Комисија, објави фотографија на која прстите од десната дланка му се поставени во форма на латинската буква „V“, што го симболизира зборот „Победа“ (Victory).
