Дипломатите кои се членови на Кризниот штаб во МНР формиран за борба со пандемијата кои работеа на репатријација на нашите државјани кои поради пандемијата беа затекнати во странство, се добитници на овогодишната награда „Дипломат на годината“ која ова Министерството традиционално ја доделува на 29 април – Денот на МНР.
„Дипломатите Елеонора Тодоровска, Миа Димитровска, Јумни Сали, Драган Богдановски, Агим Муртезани, Срѓан Хаџи-Николов, Катина Георгиев, Бекри Ајдини, Бони Цветановскa, Сашка Талевска, Решат Бериша, Есат Велиу, Марјан Софрониески, Синиша Иванковиќ, Атина Ничоска и Сузана Тунева, кои неуморно и посветено се справуваа со предизвиците при репатријацијата на македонските граѓани затекнати во странство, се македонските дипломати на годината“,
соопшти МНР.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека првпат годинава одлучиле наградата да им ја доделат на повеќе колеги кои работеле извонредно во вонредни услови.
Со оглед на околностите, оваа година нема да биде одржана традиционалната прослава со која се одбележуваше овој ден.
Денеска се одбележува 51-годишнината од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 г., тело кое преку Секретаријат за односи со странство, во 1994 година се етаблираше како Министерство за надворешни работи.
