Според пресудата, Митовски бил осуден затоа што на 11 септември 1993 година се степал со извесен В.М. во бифе „Кај Мишо“ на улица „Тодор Чангов“. Митовски тогаш со нож го повредил соперникот во пределот на лево уво и го удирал со клоци, додека трет гостин во бифето го гаѓал и го исекол со стаклена чаша. Казната била парична, но потоа наводно Митовски не ја платил и бил во затвор 20 дена
В.д. директорот на скопски „Водовод“, Марјанчо Митовски, во 1993 година бил осуден за нанесување тешки телесни повреди со ладно оружје – нож, по што бил осуден на парична казна од 20 илјади денари, а откако не платил, издржал 20 дена затвор, изјавија денеска од ССМ објавувајќи ја пред јавноста пресудата за Митовски.
„Од денеска јасно кажуваме дека директорот на Водовод не ги исполнува критериумите за в.д, бидејќи еден од критериумите е да донесе потврда дека не е осудуван. Лицето Марјан Митовски е осуден за кривично дело. Во ниту еден случај не може да биде вршител на јавна функција. Имаме уште една пресуда која ќе ја обелодениме доколку овој директор не си поднесе оставка или градоначалничката Арсовска не го разреши“,
изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски, откако истече поднесениот рок со кој се бараше од Данела Арсовска да го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација-Скопје“.
Димовски најави дека „имаат лекарски извештај каде што стои дека психичката состојба на Митовски е нарушена и дека се лечи“.
„Уште утре ќе ја започнеме процедурата и ќе имаме состанок, за да се донесе одлуката за штрајк“,
рече првиот синдикалец.
Тој подели копии од правосилната пресуда за сторено кривично дело од страна на Митовски.
Според пресудата, Митовски бил осуден затоа што на 11 септември 1993 година се степал со извесен В.М. во бифе „Кај Мишо“ на улица Тодор Чангов. Митовски тогаш со нож го повредил соперникот во пределот на лево уво и го удирал со клоци, додека трет гостин во бифето го гаѓал и го исекол со стаклена чаша. Казната била парична, но потоа наводно Митовски не ја платил и бил во затвор 20 дена.
В.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, Марјан Митовски, пак, демантира дека лежел затвор.
„Жалиме што првиот синдикалец, како што сака да се нарече г. Дарко Димовски во обид да го покрие сопственото нетрпение кон директорот на ЈП Водовод и канализација Марјанчо Митовски, решил безочно да лаже. Вистината е дека Митовски не лежел затвор и не постои таква пресуда“,
стои во демантот од „Водовод“.
Синдикатот бара смена на директорот назначен од градоначалничката Данела Арсовска по нејзиното „раскинување“ со ВМРО-ДПМНЕ. Синдикатот го обвинува директорот дека малтретирал вработени, отпуштал и ги преместувал на несоодветни позиции неистомислениците. Крајниот рок за негова смена е денеска.
Митовски, пак, тврди дека против него се бунтуваат привилегирани вработени во „Водовод“ кои земале големи плати за неработење, меѓу кои и сопругата на синдикалниот лидер Дарко Димовски од ССМ.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера најави дека доколку Сојузот на синдикати на Македонија достави барање за медијација во ЈП „Водовод и канализација“, тогаш МТСП ќе постапи согласно законот и ќе постави медијатор.