„Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото“, рекла в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје во своето обраќање на Годишното собрание на Здружението на судии на РС Македонија
Кривичниот суд, но и целиот судски систем во државата во моментов се наоѓа пред еден навистина голем предизвик – судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кое е од исклучителна сложеност и општествена важност. Ова го порачала в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, во своето обраќање на годишното собрание на Здружението на судии на Република Северна Македонија, кое се одржа денеска во Врховниот суд.

Говорејќи пред своите колеги од Врховниот, апелациските и другите судови во земјава, како и пред членовите на Судскиот совет, Димовска рекла дека овој процес нема да биде тест само на нивната правна подготвеност, туку и на нивната издржливост, професионалност и независност.
„Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото“,
рекла таа, соопштија од скопскиот Кривичен суд.
Во таа насока, Димовска изразила увереност дека како заедница на судии, обединети во истите вредности и стандарди, ќе покажат дека судството има сила, интегритет и знаење да се справи, како што кажала, со секој предизвик – без притисоци, без страв и без компромиси со вистината.
„Да продолжиме да бидеме пример на професионалност, достоинство и меѓусебна поддршка. Само така можеме да ја зацврстиме довербата во нашата работа и во правосудниот систем“,
додала таа.
Кривичниот суд, се додава во соопштението, воедно побарал од надлежните судски инстанци целосно да се вклучат, секој со своите ингеренции, во поддршка на судот за организација и обезбедување услови за ефикасно водење на постапката со доследно почитување на правата на странките, како и присуство на јавноста.
Во тој правец, од Судот ги повикале и надлежните министерства навреме да реагираат.
За потсетување, почетокот на судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, е закажан за 19 ноември годинава, а рочиштата ќе се одржуваат во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“.
Предметот, преку Автоматизираниот систем за управување со судските предмети – АКМИС, е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
За трагедијата се обвинети 34 физички и три правни лица. Сите се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за објектот да може да функционира како кабаре-клуб.
Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ“ ДОО Кочани, чија подружница бил т.н. кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ кафе“ ДООЕЛ Кочани со подружница на правното лице кабаре „Пулс“ Кочани.
Меѓу обвинетите се и тројца ексградоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца министри за економија, службеници на државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден немал ниту лиценца за вршење на дејноста.
Сите тие со непреземање на своите службени должности, како што кажа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на 13 јуни, кога беше поднесено обвинението, придонеле во Кочани да функционира објект како кабаре-клуб без да ги исполнува минималните услови за таа намена.

На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси три месеци, а од Кривичниот суд ваквата околност ја образложија со наводи за проблеми при доставата на обвинението до адвокатите, како и барањата за изземање од страна на судии поради познанство со оштетени или затоа што членови на нивните семејства се бранители на обвинети во случајот.
