Од Обвинителството денеска дадоа појаснување што значи мерка забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело што ѝ
е одредена на актуелната претседателка на ДКСК, која е третоосомничена во проширената истрага за предметот „Адитив“
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, следниот период додека трае постапката против неа нема да смее постапува по предметите во Антикорупциска.

Во рамките на отворената истрага за случајот „Адитив“, покрај одземање на пасошот, Основниот кривичен суд Скопје вчера на предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на претседателката на Антикорупциска ѝ определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело.
На барање на медиумите, од Обвинителството денеска дадоа појаснување што значи оваа мерка за претпазливост.
„Оваа мерка во конкретниот случај подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата, воедно не може да гласа и да распределува предмети“,
информираат од ОЈО ГОКК.
Актуелната претседателка на Антикорупциската комисија, која е дел од тројцата осомничени во проширена истрагата за случајот „Адитив“, е осомничена дека преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на друг обвинет.
„Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности. Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот ‘Адитив’ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Ватсап му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’ и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО-ГОКК“,
соопштија вчера од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителството побара мерки и за останатите двајца осомничени. Денеска од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека на првоосомничениот во проширената истрага за случајот, Б.Н. му е определен 30-дневен притвор, додека второосомничената, како и Димитровска, доби мерки на претпазливост.
Претседателка на претходниот состав на Антикорупциска, Билјана Ивановска, коментирајќи го случајот со нејзината наследничка на функцијата, вчера во емисијата „Вин вин“ на ТВ Телма, рече дека Собранието е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција, и очигледно тоа треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела.
Ивановска рече дека ѝ е многу тешко за ДКСК и за нејзиното реноме бидејќи, како што додаде, во институцијата е вложен многу труд за да биде изградена, но и за да се изгради довербата кај граѓаните дека постои независно тело до кое може да се обратат, да достават претставки или да поднесат предмети.
Инаку, по тримесечна истрага, ОЈО ГОКК на 27 февруари до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт за случајот „Адитив“ кој се однесува на криминал во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), тежок 6,5 милиони евра.
Со обвинителниот акт се опфатени вкупно 31 лице, кои се товарат за повеќе кривични дела.
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Меѓу обвинетите во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница. Обвинет е и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ.