Германската посветеност, според вицепремиерот за европски прашања, е уште една потврда за сработеното од наша страна и за потребата од испорачување на обврските од другата
Посветеноста на пријателска Германија и подготвеноста да продолжат да го туркаат проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан високо на агендата на ЕУ, дури и по завршувањето на нивното претседавање, е уште една потврда за сработеното од наша страна и за потребата од испорачување на обврските од другата, истакнал вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на панел „Германското претседавање со Советот на ЕУ: неговите рефлексии внатре и надвор од ЕУ”.
Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, во воведното обраќање на панелот, организиран од Институтот за демократија, во соработка со германскиот Совет за надворешни работи (DGAP), Димитров навраќајќи се на германското претседавање со Советот на ЕУ во изминатите месеци, нагласи дека Германија уште еднаш на дело ја покажа својата недвосмислена поддршка за нашиот евроинтегративен пат, заблагодарувајќи се за инвестираните напори и нивните принципиелни ставови.
„Посветеноста на пријателска Германија и подготвеноста да продолжат да го туркаат проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан високо на агендата на ЕУ, дури и по завршувањето на нивното претседавање е уште една потврда за сработеното од наша страна и потреба од испорачување на обврските од другата, со оглед на едногласната одлука во март за нашата подготвеност да го започнеме интегрирањето во Унијата заснована на вредности и принципи. Предизвикот што ни е наметнат е предизвик и за ЕУ и нејзиниот идентитет, но и за нејзините принципи по која ја препознаваме“,
нагласува Димитров.
Со цел европскиот неуспех да не биде и наш неуспех, Димитров смета дека најдобриот одговор што Северна Македонија може да го даде во ситуација кога постојат објективни пречки на кои не може да влијаеме, е пронаоѓање на креативни решенија и користење на сите средства кои ни се на располагање за зајакнување на реформската агенда во најзначајните полиња, во директна комуникација со земјите членки кои се спремни да ни помогнат во европеизирањето на македонското општество, се наведува во соопштението.