Нема правна основа и не е пристојно ниту една земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање на самоопределување, според меѓународното право, порача вицепремиерот

Ако не го почитувате туѓото достоинство, навистина е тешко да сме пријатели, рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на дискусија за политиката на проширување на ЕУ со Западниот Балкан која денеска се одржа во Мадрид, Шпанија.
Тој нагласи дека бугарската блокада е инвестиција во антагонизам наместо во пријателство што, како што посочи вицепремиерот, потврдува и истражувањето од бугарскиот тинк-тенк објавено деновиве, кое покажува дека говорот на омраза по социјалните мрежи, за кој обвинува официјална Софија, всушност e потхранет токму од нивното вето.
Тој го повтори својот став дека е подобро да немаме предок во евроинтеграциите ако сме условени со македонскиот јазик и рече дека Бугарија создава антиевропски услов што не може да биде услов за влез во Унијата.

„Ако предусловот за придвижување кон Европа не е во согласност со европските вредности и ако сме условени со македонскиот јазик, тогаш, сум го кажал ова и кај нас, за мене е подобро да не постигнеме напредок кон ЕУ, бидејќи тогаш тоа не е зачленување во заедница на вредности. Не можете да создадете антиевропски услов и да го претставувате како критериум за една земја да се приклучи во ЕУ и секако не откако ја искачивме големата планина – проблемот со името. Решението со Грција беше можно, ние ја додадовме придавката Северна, само затоа што Грција ги прифати нашето право на самоопределување и македонскиот јазик како македонски“,
рече Димитров.
Вицепремиерот кажа дека блокирањето е спротивно и на членот 2 од Договорот за добрососедство, а според него не е пристојно ниту една земја во светот да признава или не признава јазик бидејќи тоа е прашање на самоопределување.
„Во нацрт-преговарачката рамка што сè уште е на маса, има еден технички параграф што е ист за сите земји кандидатки кои отпочнуваат преговори и предвидува превод на правото на Унијата на сопствениот јазик – во нашиот случај македонскиот јазик, за да се овозможи соодветно функционирање на Унијата во согласност со нејзините правила и принципи откако земјата ќе стане членка. Оттука, ова прашање се третира како прашање на самоопределување, како што е уредено со меѓународното право бидејќи нема правна основа и не е пристојно ниту една земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање за нашиот народ, според меѓународното право“,
рече Димитров.