Вицепремиерот за европски прашања денеска ќе се обрати на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска ќе се обрати на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа во Стразбур. Денешната дебата за демократските предизвици и европските аспирации за Западен Балкан, која ќе следува веднаш по обраќањето на Димитров, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), ќе ја предводи Јоргос Папандреу, пратеник во грчкиот парламент, актуелен претседател на Социјалистичката интернационала и поранешен премиер на Грција.
Вчера, на првиот ден од работната посета на Стразбур, Димитров имаше средба со Папандреу, на која, како што велат од СЕП, се разговарало за модалитетите на инклузивна соработка и конструктивни меѓусебни односи во регионот. Тие се согласиле дека со отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија, ЕУ, во клучен момент, ќе ја ревитализира довербата во ветувањето од Солун за европската иднина на целиот регион.

Димитров вчера имаше средба со Жак Мер и Лилијана Танги, пратеници во Националното собрание на Франција, од редовите на движењето „Напред” на претседателот Макрон. Средбата се одржа во пресрет на идното француско претседавање со Советот на ЕУ, со цел размена на ставови за ревитализирање на политиката на проширување на Европската Унија, со акцент на европската перспектива на Северна Македонија.
Пратениците Мар и Танги, како што информираат од СЕП, ја реафирмираа француската поддршка за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, како валоризација на постигнатите резултати со кои земјата ги исполни предвидените обврски. Тие изразија надеж дека одлуката на Советот на ЕУ од март минатата година ќе биде спроведена во претстојниот период.