На заедничка иницијатива на министрите за надворешни работи на С. Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Дендиас, се одржа министерска видео-конференција, на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земји членки на ЕУ од ЈИЕ (Бугарија, Грција, Романија, Словенија, Хрватска).
На конференцијата учествуваше и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, генералната секретарка на Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Хелга Шмид, и директорот во Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на Европската комисија, Јоханес Лухнер.
Димитров рече дека претставува особено задоволство што за кратко време со грчките пријатели, успеале да бидат виртуелни кодомаќини на колегите од регионот и од ЕУ земји членки.
„Чувството на заедништво што се создаде по иницијалниот шок од кризата, верувам дека со заеднички и координирани чекори ќе го развиваме и понатаму, а во насока на што поскоро и побезбедно враќање кон редовни социоекономски текови на нашите општества и закрепнување од последиците од коивд-19. Благодарност и до нашите ЕУ партнери за чувството дека нè земаат предвид при носење на мерки и насоки од различен карактер при менаџирање со кризата, справување со последиците и постепеното излегување од рестриктивните мерки. Сето тоа дава увереност дека таквиот пристап ќе продолжи и во иднина, во насока на целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ“,
изјави Димитров.
Целта на Конференцијата беше отпочнување на дискусија помеѓу Министерствата за надворешни работи како тие можат успешно да придонесат, преку заемна соработка, во следните фази од справување со социоекономските последици кои ги предизвика пандемијата на ковид-19.
Во фокусот беше тековната и идна соработка поврзана со можните начини за регулирање на прекуграничното патување, транспортот и туризмот, како и заемната поддршка на економиите на земјите во светло на пакетот насоки и препораки на Европската комисија објавен на 13 мај за тоа како да им помогне на земјите членки постепено да ги подигнат ограничувањата за патување и да се овозможи повторно отворање на туристичкиот сектор, имајќи го предвид здравјето на граѓаните како приоритет.