Премиерот смета дека забраната за влез во земјава треба да остане додека не се покаже и низ бројки дека навистина има намалување на епидемијата – и во државите во регионот и кај нас
Одлуката за отворање на границите зависи, пред се, од два факторa: што се случува дома, затоа што завчера имавме 33 новозаразени, а вчера имаше пад; и второ, во моментот кога ќе се отворат границите влегуваме во фаза во која сите мерки досега се затвораат, влегуваме во нова фаза, бидејќи имаме константен прилив, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој информира дека пред два дена имал телефонски разговор со грчкиот министер за надворешни работи, главно, фокусиран на планови околу отворање на границите и олеснување на мерките и додаде дека планира идната седмица да направи серија телефонски разговори и со другите колеги од регионот.
„Може и сите заедно да се собереме на една конференција, бидејќи тој чекор – отворање на границите, мора да биде координиран за да има смисла. Моето чувство е дека сите планираат, но имаат извесна колебливост околу периодот“,
рече Димитров.
На прашање за задолжителни тестови при влез во државата, Димитров посочи дека за тоа ќе треба да се разговара и оти мора да имаме единствен систем на комуникација и движење.
„Ако една земја бара тестови, а друга земја не, ланецот се прекинува, така што апсолутно мора да се координираме и да разговараме меѓу другото и за тоа“,
додаде Димитров.
Премиерот Оливер Спасовски, во врска со отворањето на границите, рече дека имаат план во однос на сите активности што се случуваат и што треба да се преземат како мерки во наредниот период.
„Тоа нема да зависи само од нашата земја, тоа ќе зависи од сите држави во регионот. Се уште сметам дека треба да останеме тука и да не дозволуваме влез во Северна Македонија додека не се покаже и низ бројки и во државите во регионот и кај нас дека навистина имаме намалување на епидемијата во рамки што можат да дозволат отворање и слободно движење на граѓаните. Наша желба е тоа да се случи што е можно поскоро, меѓутоа, сепак, зависи од сите нас. Колку сите заедно ќе се однесуваме сериозно и одоговорно кон оваа криза, толку побрзо ќе завршат и сите овие мерки и ќе се вратиме во нормала“,
рече Спасовски.
