За специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, кој вчера беше разрешен од Владата, рече дека последните месеци тој не бил вклучен во интерните консултации и дека според неговиот личен впечаток Бучковски не бил на неговите позиции
Одговорите кои нашата Влада ги испратила до Софија на оние пет плус едно барање во декември се заеднички став по тешки консултации и ако се одлучува врз основа на нив ќе има достоинствено решение, смета вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој денеска одржа последна прес-конференција на оваа функција.
„Одговорите беа предмет на тешки консултации, интерно, од наша страна, но некако успеавме да изградиме заеднички став. И ако решението се темели на тие одговори ќе имаме едно достоинствено решение на проблемот. Тоа на што јас инсистирав е една нова точка, Бугарија да се обврзе дека ќе ја одобри преговарачката рамка и ќе даде зелено светло за првата меѓувладина конференција и тоа да биде на линија на португалскиот предлог“,
рече Димитров.
За специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски кој вчера беше разрешен од Владата, рече дека последните месеци тој не бил вклучен во интерните консултации.
„Мој впечаток е дека тој беше глас што не беше баш на моите позиции“,
рече кусо Димитров.
Во однос на неговата изјава за тоа дека некои отстапки се подготвуваат за кои тој смета дека од другата страна треба да има чекори, дали тоа ќе го наруши процесот, поточно дали земјата оди во погрешен правец со Бугарија, тој како пример го посочи барањето за краткото име на државата.
„Прашавте конкретно за концесијата. Еве ќе шпекулирам. На пример, едно од прашањата за кое што Бугарија вели дека има проблем иако е нелогичен е тоа што им пречи краткото име. Нели, тие се во ред со Република Северна Македонија, меѓутоа не им е во ред Северна Македонија и бараат од нас да испратиме нота до ОН каде ќе кажеме дека и Северна Македонија и Република Северна Македонија се име на нашиот политички ентитет и не отсликуваат какви било територијални претензии итн. Тоа е само објаснувачки од нашата прва нота испратено во ОН по Преспанскиот договор и во системот на ОН овие прашања се решени. Ниедна држава ниту има правен основ, ниту може овие потпрашања да ги отвори без наша согласност. Тоа е едно од прашањата за коишто што се разговара и еден од елементите на решението. Меѓутоа, таа работа е важно да се направи во корелација со поместување и од другата страна. Инаку, ќе биде ослабена реално нашата позиција“,
смета Димитров.
Тој вели дека со ова што го зборува не сака да предизвика турбуленции во новата влада, но да укаже дека е потребна поголема будност во однос на ова прашање.
„Преважно е прашањето за политички суети“,
рече тој.