Вицепремиерот посочи дека Словенија, која е следен претседавач со ЕУ, е еден од најважните пријатели на С Македонија
Ако нема придвижување во пристапниот процес, ќе биде многу тешко Европската Унија да го зачува кредибилитетот во регионот на Западен Балкан после толку многу одложувања, изјави денеска во Љубљана вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на заедничката прес-конференција со шефот на словенечката дипломатија Анже Логар.
Димитров потсети дека оваа година земјава одбележува две децении од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001, и оти 16 години сме земја со статус кандидат за членство.
„Го решивме проблемот со Грција, чекавме на новата методологија за да се зајакне довербата во пристапниот процес и пред нас сега е овој се надевам последен предизвик со нашите соседи од Бугарија“
рече Димитров.
Тој посочи дека нашата стратегија се темели на три столба: разговор и наоѓање заемно достоинствено и европско разбирање со Бугарија, реформи дома и поддршка од пријателите.
„Третиот столб е помош и поддршка од нашите пријатели. како што е Словенија. Оваа година за неколку месеци ќе почне и словенечкото претседателство со Советот на ЕУ од 1 јули“,
рече Димитров, посочувајќи дека неговиот домаќин го информирал за приоритетите на словенечкото претседателство, меѓу кои е и нашиот регион.
Вицепремиерот заклучи дека за нас Словенија е еден од најважните пријатели и оти оваа година е стратегиски клучна за Западен Балкан во однос на кредибилноста и опипливоста на европската перспектива.
