Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот (во Брдо кај Крањ) нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, вели вицепремиерот за европски прашања
Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и од Загреб со кои се реафирмираше европската перспектива, нагласи вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска на економскиот форум во Белград, каде што имаше воведно обраќање на панелот „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?“.
Како што соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања, главниот фокус на дискусијата беше ставен на европската перспектива на регионот во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи оваа среда во Брдо, Словенија.
Димитров посочи дека состанокот се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на Западен Балкан е доведена во прашање, поради што, како што вели, е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.
„Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите – ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо“,
рече вицепремиерот.
Тој нагласи дека, иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес, кои се теми на агендата за Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар, состојбата со ковид-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на роаминг трошоците меѓу регионот и ЕУ.
„Самитот треба да биде можност за да зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет, “
рече Димитров.