Во однос на изјавата на Бугарија за македонското малцинство и јазик, шефот на дипломатијата вели дека станува збор за унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ
Шефот на дипломатијата Никола Димитров одговори на обвинувањата од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој тврди дека Владата и лидерот на СДСМ кријат документ од заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ. Наводно, станува збор за изјава во која Бугарија отворено ја условува Северна Македонија за одржувањето на меѓувладината конференција која, пак, би значела и официјален старт на преговорите со Унијата.
Димитров оценува дека Николоски се однесува како „политички лешинар“ кој едвај чека лоша вест за земјава.
„Александар Николоски е политичарот кој од среде Собрание, за проектот ‘Скопје 2014’, со цел ум рече: ‘Ние сега првпат градиме македонски идентитет…’ Деновиве, со тактика на политички ‘лешинар’, небаре се радува и едвај чека да има лоши вести, токму истиот тој Николовски е повторно гласен во врска со изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март“,
напиша Димитров на Фејсбук.
Според министерот за надворешни работи, Николоски покажува дека нема разбирање за начинот на кој функционира светот на дипломатијата додавајќи дека станува збор за унилатерална толкувачка изјава.
„Се разбира, можно е Николовски толку и да разбира како функционира светот на дипломатијата, па да не знае дека во случајов станува збор за стриктно унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ – Бугарија, во која впрочем е јасно наведено дека тоа е видување на Бугарија (на на ЕУ!). Документ што самата Европска Унија не го објави во пакетот со заклучоците. Притоа, оваа изјава нема никаков правен ефект врз содржината и опсегот на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија“,
напиша шефот на дипломатијата.

Димитров го нарекува Николоски и „протагонист на политикантството“, кој, како што вели, додека, наводно, повикува на национално единство, прави сè за тоа да го оневозможи.
„Таргет нему не му се авторите на анахроните позиции што се косат со европските вредности (друга држава), туку Заев и јас. Истури едно чудо валканици и груби невистини за тема што должно бара највисока одговорност – македонскиот идентитет“,
наведува Димитров.
Тој додава дека тезите на Николоски се директно спротивни на тезите на Метју Нимиц за Преспанскиот договор и правото на самоопределување на македонскиот народ, како Македонци кои говорат македонски јазик.
„Не очекував дека ‘загрижениот’ за единството Николовски јавно ќе го прегрне ставот на Нимиц, ама да се дрзне додека мастилото на тој есеј на медијаторот е сè уште свежо да зборува за ‘бришење на македонскиот јазик и народ’ е навистина грозно. Поевтино и поштетно политикантство не може да се замисли“,
напиша Димитров.
Шефот на дипломатијата потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше референдумот и ден денес е против Преспанскиот договор, како што беше и против Договорот за добрососедство со Бугарија, кој, како што вели, поставува правна рамка во која македонскиот јазик и бугарскиот јазик се во целосно еднаква позиција.
„Ако веќе не помагате, аман не одмагајте! Македонскиот народ овој процес ќе го заокружи, со вас или и покрај вас. Ќе напишев изборот е ваш, ама за жал вие изгледа одамна го направивте тој избор.
коментира Димитров.
Ќе нè биде! И покрај сите ваши напори да не вратите во дупката на самосожалувањето и улогата на жртва. Ќе излезе македонскиот народ од овој процес како победник. И таа победа ќе биде истовремено и победа на европските соседи. Бидејќи не можете да ‘победите’ ако го поразите соседот“,