На прашањето дали ќе формира нова партија, тој рече дека не е потребна ако биде со истиот клиентелистички апарат како и постојните, но треба да се размисли за евентуална нова политичка сила
По оставката на премиерот Заев, дел од нашите меѓународни пријатели се јавија со поддршка јас да ја преземам Владата. Објаснувањата поради кои ова не беше прифатено од коалицијата, кажано преку вас новинарите, е дека сум бил нереален идеалист и премногу принципиелен и не сум се разбирал од меѓупартиски пазари. За мене ова се комплименти. Ако за моите принципи нема место во македонската влада, мора да им најдеме место во македонската политика и во македонското општество, рече вицепремиерот за европски прашања во заминување Никола Димитров, објаснувајќи ги причините зошто тој нема да биде дел од новата влада.
Тој на прес-конференцијата одговори и на, како што рече, прашањето што во последно време често му се поставува – дали ќе формира партија.
„Мене не ми е важна формата, ниту организацијата ниту функцијата, туку принципите и заложбата за принципите. Што ќе ни е нова партија која би била врз истите столбови како и постоечките партии? Сме се изнагледале и трети опции и сите со истиот клиентелистички апарат. Таква партија не ни треба. Дали ни треба поинаква политичка сила, треба да размислиме, а за тоа е потребно отворање на еден непријатен разговор за вистински промени на самиот систем. Ви ветувам дека ќе најдам начин тој разговор да го отворам и за сите тие промени ќе се борам“,
рече Димитров.