Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западниот Балкан, порача вицепремиерот пред Националниот совет за евроинтеграција

Ние сме во ситуација на заеднички успех или заеднички неуспех, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во неговото обраќање пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието каде што францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер ги презентираше приоритетите на Франција за време француското претседателство со ЕУ во периодот од јануари до јуни 2022 година.
На планираниот Самит за Западен Балкан на крајот на француското претседателство, рече вицепремиерот во заминување, ќе биде прескапо ако се соочиме со уште еден пораз.
„Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западниот Балкан. Тоа го кажа и самата ЕК во пакетот за проширување во октомври, тоа го кажуваат и официјални претставници на Франција. Затоа, ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, за Северна Македонија, за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи не и нас, нашите комшии, сите држави во регионот, и самата ЕУ. Мислам дека тоа стана јасно, затоа влогот во овој процес е огромен и се надевам дека најавениот Самит меѓу ЕУ и Западен Балкан кон крајот на француското претседателство во јуни, ќе направи контекст каде што ќе биде прескапо повторно да се соочиме со пораз, сите вклучени во овој процес“,
рече Димитров.
Иако заминува од Владата, Димитров порача дека останува тука и дека ќе имаме можност да продолжиме да туркаме кон тој заеднички успех.

Димитров им се заблагодари и на Франција и на лидерството на претседателот Емануел Макрон и посака успех во претседателството со ЕУ.
„На Европа и треба лидерство и затоа мислам дека и ние како европејци имаме среќа што имаме еден таков лидер и во Париз. Да посакам успех и конкретни резултати на француското претседателство. Мислам дека амбициите се големи – и со право – и би сакал да се заблагодарам за искреноста во приодот кон пристапувањето, што резултираше со новата Методологија на проширувањето, на таа исклучително отворена и плодна работна вечера во Елисејската палата и на неговите напори да ни помогне, кога заедно со канцеларката Меркел поминавме речиси еден час заедно со премиерот Заев и претседателот Радев, на маргините на Самитот во Брдо. Работите што тогаш ги кажа претседателот Макрон, високо, високо ги цениме“,
рече Димитров.