Веќе не е потребна посебна согласност за влез на странски државјани во Република Србија и дека преминувањето на српските граници, сега се одвива според вообичаен режим.
Ова го кажал српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, во денешниот телефонски разговор со неговиот македонски колега Никола Димитров.
„Со српскиот колега беа споделени искуства во борбата со здравствената криза, како и информации за епидемиолошката состојба во Северна Македонија и Србија. Министрите разговараа и за плановите за натамошно ублажување на рестриктивните мерки, притоа запазувајќи го јавното здравје“,
информира Министерството за надворешни работи.
Двајцата министри се согласиле за интензивна билатерална соработка и продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји.
„Во таа смисла, МНР Димитров ја прифати поканата на МНР Дачиќ да оствари официјална посета на Србија во наредниот период, кога условите тоа ќе го дозволат“,
велат од Министерството.
