Тешко е да се најде земја што е подобар пример од Северна Македонија – за тоа што се случува кога ЕУ не ги исполнува своите ветувања, коментираше вицепремиерот за европски прашања на прес-конференцијата во Белград
Иницијативата „Отворен Балкан“ е комплементарна со европската интеграција, значи дека границите ќе бидат помалку значајни и дека ќе се искористи потенцијалот за зголемување на економскиот раст, кој со поголемата стабилност се аргументи во прилог на евроинтеграциите, вели вицепремиерот Никола Димитров.
Одговарајќи на новинарско прашање дали мисли дека оваа иницијатива на некој начин е „затворена ЕУ“ за Северна Македонија и Албанија, бидејќи на тие две земји им е блокиран датумот за почеток на преговорите со ЕУ, Димитров, на прес-конференцијата во Белград рече дека за жал, тешко е да се најде земја што е подобар пример од Северна Македонија – за тоа што се случува кога ЕУ не ги исполнува своите ветувања.

„Тогаш европското гласачко ливче не станува атрактивно и граѓаните губат верба дека би можеле да имаат европска иднина“,
изјави Димитров.
Како што кажа, во последно време самиот себеси се коригира дека не е фер да се критикува целата Унија, бидејќи проблемот е само со една земја членка.
„Во пакетот за проширување, Европската Комисија кажа дека одложувањето на процесот на интеграција со Северна Македонија и Албанија го поткопува кредибилитетот на ЕУ во целиот регион. Но, тоа вето не е само вето на нашата европска иднина, туку и на европската политика на Балканот. Тоа е вето на македонското и бугарското пријателство“,
кажа Димитров.
Регионалната соработка, вели тој, е она што може да се направи во меѓувреме, додека чекаме ваквите прашања да се решат во ЕУ.
„Целта на европската интеграција е мојата татковина да стане посилна, регионот да стане посилен, за да имаме посилни демократии, поправедно општество и на тоа мора да работиме индивидуално. Влоговите стануваат се поголеми, но тие не се само наши и регионални“,
изјави Димитров.
Тој додаде дека ако ЕУ сака да стане глобален учесник, тогаш не смее да има неуспеси на локално ниво.
„Регионот е локален проблем. Ако не можат да дејствуваат овде, тогаш не можат да дејствуваат ниту глобално“,
оцени Димитров.