Зборувајќи за минатонеделниот Самит ЕУ-Западен Балкан, вицепремиерот вели дека сега барем имаме политички сигнал. Сепак, нагласува тој, она што е потребно за да се врати довербата кај луѓето, покрај добрите зборови е и да има акција и како голем пресврт за враќање на патот смета дека ќе биде почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија
За етничките Македонци во Северна Македонија мајчин јазик е македонскиот, ова е прашање за луѓето во земјата, не е прашање за друга земја или за меѓународна организација, вели вицепремиерот Никола Димитров, во интервју за радио „Би-би-си“ зборувајќи за ветото и бугарските тврдења дека Скопје треба да ја признае заедничката историја и јазик.

„Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија, го потпишавме Договорот за пријателство во суштина велејќи – ние Владите ќе работиме гледајќи кон иднината, за да ја зголемиме нашата соработка, Бугарија ќе ни помогне на нашиот евроинтегративен пат, а за прашањата на историјата, формиравме Комисија на историчари за да разговара за оние делови од нашата историја коишто се заеднички и кои ги поврзуваат двата народи, двете земји“,
вели Димитров.
Тој во интервјуто вели и дека Бугарија прави ние тешко да ја гледаме како пријател.
„Искрено, тие тоа го прават многу тешко. Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија – нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели“,
одговара Димитров на прашањето дали сè уште чувствува дека сме пријатели со Бугарија.
Вицепремиерот зборува и за стравувањата на други земји-членки, како што се Франција и Холандија, дека земјите како Северна Македонија не се подготвени да се приклучат на ЕУ односно дека имаат многу работа за да ги исполнат европските критериуми, како што се тие во владеењето на правото. Како што вели тој, прашањето на лидерите од овие земји е легитимно.
„Нивното прашање е: овие нови шест земји, дали ќе донесат повеќе проблеми или ќе донесат повеќе решенија? Другата перспектива е, ова е регион опкружен со земји членки. Ние сме во ист брод во економска смисла. Три четвртини од трговијата на регионот е со Европа, три четвртини од странските директни инвестиции што доаѓаат во регионот се од земјите членки на ЕУ. Мигрантската криза преку балканската рута покажа колку нашиот регион е од клучно значење за безбедноста на самата Европа. Значи, ако Европа е куќа, а Западен Балкан е просторија која не е дел од куќниот ред, која не е вклучена во системот на електрична енергија, снабдување со вода, клима-уред итн. Тоа не е добро за самата просторија, но исто така не е добро и за целата куќа“,
вели вицепремиерот.
Тој зборува и за Самитот ЕУ-Западен Балкан минатата недела во Словенија и вели дека за првпат по неколку години, Унијата постигнала консензус за да ја потврди посветеноста кон проширувањето, со оглед дека на претходните самити во Загреб и Софија се зборувало само за европската перспектива. Сега, вели Димитров, барем имаме политички сигнал.
Сепак, нагласува тој, она што е потребно за да се врати довербата кај луѓето, покрај добрите зборови е и да има акција и како голем пресврт за враќање на патот смета дека ќе биде почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.