СДСМ тврди дека главната причина за договорот е тоа што во буџетот нема пари, а за првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора трезорот

Мигранти за пари и намерна изолација – предавство на Македонија, е обвинувањето што денеска генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, го упати до ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски веќе цела недела одбиваат да ја потпишат Резолуцијата која би го спречила прифаќањето мигранти за финансиски надомест во Македонија.
„Зошто? Затоа што договор има. Да немаше скриени агенди и дилови под маса, резолуцијата одамна ќе беше потпишана“,
изјави Димитријевиќ.
СДСМ тврди дека главната причина за договорот е тоа што во „буџетот нема пари, а за првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора Трезорот“.
„Државата доцни со сите исплати: нема пари за плати, пензии, социјална помош, породилно, нема ни за поврат на ДДВ. Дупката изнесува најмалку една милијарда евра“,
истакна Димитријевиќ на денешната прес-конференција.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја „продава Македонија“ така што прифатила мигранти во пакет со кредити од шест милијарди евра.
Втората теза на СДСМ е дека ВМРО-ДПМНЕ намерно ја спроведува политиката на изолација и ја држи Македонија надвор од ЕУ.
„Изолацијата е стратегија. Без ЕУ, без европски контроли и без европско правосудство – полесно се краде и нема одговорност за никој. Македонија сакаат да ја претворат во црна точка на Европа“,
рече генералниот секретар на СДСМ.
Според Димитријевиќ, изолацијата е поврзана и со мигрантскиот план.
„27 земји членки на Советот на Европа јавно бараат ревизија на Европската конвенција за да се олесни депортацијата на мигранти. Каде ќе одат тие луѓе? Во земји надвор од ЕУ – како Македонија. Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата“,
додаде Димитријевиќ.
Во исто време, додаде Димитријевиќ, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат.
Затоа, рече Димитријевиќ, на ВМРО-ДПМНЕ и одговара Македонија да остане изолирана.
„Ова е нивниот ‘вин-вин’: Британија депортира мигранти за пари, а ДПМНЕ добива изолирана држава во која непречено продолжува кражбата. Губитници се само граѓаните и иднината на Македонија“,
кажа Димитријевиќ најавувајќи дека одбраната на Македонија нема да престане.
Од опозициската партија изминативе денови преку прес-конференции и соопштенија тврдат дека Владата преговара и разговара за префрлање мигранти од Велика Британија во земјава.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски со иста техника, по моделот на Вучиќ со литиумот во Србија, сакаат да го спроведат проектот „мигранти за пари“ во Македонија. Планирано е овој потег да се реализира по изборите во јуни.
Инаку, СДСМ ја објави резолуцијата против прифаќање мигранти во земјава, што најавија дека ќе ја поднесат до Собранието. Во резолуцијата се наведени седум точки.
Во неа, меѓу другото, се бара Собранието да ја задолжи Владата веднаш да ги прекине сите евентуални преговори од ваков тип и во рок од три дена да достави целосен извештај до пратениците за сите комуникации остварени со Владата на Обединетото Кралство или други субјекти на оваа тема.
