Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија „под влијание на своите ментори и пи-ар стратези од северот“, се вброила меѓу ретките партии што индиректно го поддржуваат Николас Мадуро и неговиот режим
И ние во Македонија си имаме свој Мадуро, кој е дел од највисоките структури на власта. Ова денеска го изјави генералниот секретар на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Александар Саша Димитријевиќ, одговрајќи на новинарско прашање во врска со акцијата на Соединетите Американски Држави (САД) викендот, во која беше соборен од власт претседателот на Венецуела и спроведен во САД, каде што денеска треба да се појави пред суд.

Имено, Димитријевиќ беше прашан за позицијата на СДСМ по вчерашната реакција во која опозициската партија го обвини премиерот Христијан Мицкоски за дволичност во ставовите кон стратешките партнери, односно дека од една страна Владата дава поддршка на акцијата на САД, а од друга страна премиерот, според социјалдемократите, сугерира дека таа е против меѓународното право, притоа правејќи паралела со македонските евроинтеграции.
„Зарем има потреба после сите нашии акции периодов против корупција и криминал да потенцираме нешто во врска со случајот Мадуро? СДСМ поддржува борба против корупцијата и криминалот во кој било дел од светот. Впрочем и ние во Македонија си имаме свој Мадуро, кој е дел и член на највиоските структури на власта“,
рече генералниот секретар на СДСМ.
На дополнителното прашање дали СДСМ смета дека акцијата на САД во Венецуела е спротивна на меѓународното право, Димитријевиќ не одговори директно. Во тој контекст, генесекот на опозициската партија изјави дека Македонија првин треба да си го исчисти сопствениот двор.
„Ние во нашиот двор, според тоа што го објавуваме во изминатиот период, имаме сериозни индиции за корупција и криминал од врвот на власта. Треба првин да си го исчистиме сопствениот двор“,
кажа тој.
Од владејачката партија веднаш реагираа на изјавите од својот политички опонент, наведувајќи дека секогаш кога треба да се осуди криминал, СДСМ избира да молчи.
Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија, „под влијание на своите ментори и пи-ар стратези од северот“, се вброила меѓу ретките партии што индиректно го поддржуваат Николас Мадуро и неговиот режим.
„Додека демократскиот свет реагира, раководството на СДС молчи. Очигледно, Венко Филипче има поважни приоритети како зимски одмор и скијање во Гармиш-Партенкирхен, во друштво на Зоран Заев“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, исто, така, ги прашуваат социјалдемократите дали се откажале од стратешкиот партнер САД, и зошто СДСМ нема ниту став ниту осуда за апсењето на еден од најпознатите симболи на режим, дикратура и наркокартели.
За своите позиции во однос на меѓународните настани, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие се јасни и доследни и оти Македонија како членка на НАТО и партнер на САД ја поддржува стратешката соработка со своите сојузници, но и истовремено принципилено се залага за почитување на меѓународното право и за дипломатски решенија.
„Во тоа нема никаква контрадикторност, туку одговорна и зрела надворешна политика, за разлика од времето на СДС“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата, дополнително прашувајќи „уште колку ќе трае скијачкиот одмор на Филипче и политичкиот хаос во опозициската партија“.
